Извикал „Робо, дај ми рака“, па пукал кон словачкиот премиер – кој е човекот што стои зад атентатот на Фицо

 

Словачкиот премиер, Роберт Фицо, кој беше застрелан во средата, а се’ уште е во тешка состојба. Според словачките медиуми, се очекува тој да биде подложен на уште една операција, а тоа е на колкот. Човекот кој трипати пукаше во Фицо среде бел ден по владиниот состанок се вика Јурај Цинтула. Има 71 година, пензиониран, писател и поранешен чувар. Како што кажа и самиот по апсењето, пукал во Фицо „бидејќи не се согласува со политиката на владата“. Сега му се заканува доживотен затвор, а ова е се што досега знаеме за атентаторот од Словачка.

Роберт Фицо беше застрелан во средата по состанокот на владата во градот, кој се наоѓа на околу 150 километри од Братислава. Фицо излезе да ги поздрави насобраните поддржувачи и се ракуваше со многумина на улица.

Напаѓачот, чие име подоцна беше откриено дека е Јурај Цинтула, наводно извикал „Робо, дај ми ја раката“. Ова го натерало премиерот на Словачка да му пријде и да му подаде рака за да се ракува.

Иако во тоа време бил опкружен со обезбедување, Цинтула извадил пиштол и пукал пет пати од непосредна близина. Три куршуми го погодија Фицо.

Обезбедувањето тогаш скокнало врз напаѓачот, но премиерот веќе бил ранет. Тој итно бил пренесен во најблиската болница со хеликоптер, бидејќи било проценето дека нема време да отпатува за Братислава.

Полицијата го совладала напаѓачот и го привела на улица. Фицо бил опериран пет часа и лекарите жестоко се бореле за неговиот живот.

По операцијата беше соопштено дека е стабилен, но се уште е во животна опасност. Според словачките медиуми, Фицо ќе мора да оди на операција на колкот кога ќе биде подготвен за тоа. Во меѓувреме, атентаторот бил сослушан во полиција и обвинет за обид за убиство со умисла. Тој се соочува со казна од 25 години до доживотен затвор.

Тој извикал „Робо, дај ми ја раката!“, а потоа го застрелал Фицо

Сведоците кои биле на местото на пукањето велат дека Јурај Цинтула прво му викал на премиерот: „Робо, дај ми ја раката“, а кога Фицо дошол да се поздрави – одекнале истрели. Според информациите, испукани се пет истрели, а три куршуми тешко го повредиле словачкиот премиер.

По пукањето, напаѓачот бил совладан од полицијата и преземен од Националната агенција за криминал. Тој е 71-годишен пензионер, кој е и малку познат писател. Тој бил чувар во трговски центар кога самиот бил нападнат, по што објавил видео снимки во кои повикува да се прекине насилството.

„Не се согласувам со неговата политика“

Словачкиот портал Новине ја објави изјавата која Цинтула ја дал во полиција веднаш по неговото апсење.

„Не се согласувам со политиката на Владата. На крајот на краиштата, медиумите се ликвидирани. Зошто се напаѓа РТВС (Радио телевизија на Словачка), зошто е сменет судијата Мазак?“, наводно рекол Цинтула.

Мазак е поранешниот претседател на Судскиот совет кој неодамна беше разрешен.

Претходно снимил видео против насилство

Јурај Цинтула пред осум години објавил три видеа со наслов „Против насилството“.

„Мора да покажеме сила, но не и насилство“, вели тој во првиот дел од видеото.

Како што додаде, треба да се покаже сила на плоштадите каде треба да се соберат луѓе кои не се согласуваат со алчноста на политичарите, но не се против демократијата.

На крајот од видеото има клип од логото на движењето против насилство кое сакал да го регистрира.

„Движењето против насилството е политичка партија во подем чија цел е да го спречи ширењето на насилството во општеството. Да се ​​спречи војна во Европа и ширење на омраза“, стои под логото.

Во позадина се слуша првиот концерт за пијано на рускиот композитор Чајковски.

Според информациите од снимките, тој го основал движењето во 2016 година.

Во април истата година, тој започна петиција за регистрирање на движењето. Сепак, според информациите на веб-страницата, се потпишале само осум лица.

„Тој не гласал за Фицо“

Порталот Актуалити успеал да стапи во контакт со синот на осомничениот за атентатот на Фицо, кој потврдил дека неговиот татко имал пиштол во легално поседување. Сепак, тој негираше дека некогаш спомнал дека планира да го нападне Фицо.

„Апсолутно немам поим што правеше татко ми, што планираше, зошто се случи ова“, рече тој. На прашањето дали негувал омраза кон Фицо, кој е и претседател на партијата Смер, тој одговори: „Ќе ви кажам – не гласаше за него“.

Според словачкиот портал „СМЕ“, осомничениот бил голем противник на политиката на Фицо.

И синот на осомничениот напаѓач негираше дека неговиот татко е психијатриски пациент.

„Можеби имало краток спој, не знам. Тој е поенергичен, но не би се занимавал со психијатар или нешто слично“.

Рудник, трговски центар, па поезија

Јурај Цинтула претходно работел во рудник во Хандлова. Подоцна бил чувар во еден од трговските центри во Левице. Во септември 2016 година бил нападнат од еден од муштериите.

„Беше издрогиран. Почна да фрла храна од полиците на земја, а потоа почна да жонглира со неа“, изјави Цинтула за младиот човек кој дошол во трговскиот центар со својата девојка. Го фатил за раменици и го замолил да си оди, но младиот човек почнал да го тепа. Го удирал со тупаници и клоци додека конечно не паднал меѓу полиците.

Напаѓачот бил приведен од полицијата и осуден на затворска казна.

Цинтула исто така бил уметник. Пишувал песни, член е на Здружението на словачки писатели. Член на Управниот одбор на тоа здружение е пратеникот и претседател на Комисијата за култура и медиуми, Роман Мишелко (СНС).

Според него, здружението брои 550 членови.

„Секој што ќе објави две книги има право да аплицира за членство“, изјави Мишелко за  СМЕ.

Според него, осомничениот напаѓач не бил во ниту еден орган на здружението.

„Речиси никој од одборот не го познава. Според моите сознанија, тој се пријавил за членство пред девет години. Не го познавам лично“, рече Мишелко.

17.05.2024 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега