Живко Мукаетов прогласен за премиум партнер на манифестацијата „Оскар на хуманоста“ на Црвен крст
Црвениот крст на Град Скопје го одликувааше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ со Оскар на хуманоста во категоријата Премиум партнер, како континуиран поддржувач на хуманата мисија која ја спроведува оваа организација во земјава веќе 8 децении.
„Со особено задоволство, во рамките на манифестацијата ’Оскар на хуманоста’, му ја доделуваме наградата ’Премиум партнер’ на г. Живко Мукаетов. Неговата лична ангажираност значи поттик на индивидуално ниво, која потоа мотивира, и колективно развивање на општествената одговорност во ’Алкалоид’ АД Скопје. Како личност препознаена во заедницата во која несебично дава помош и поддршка преку повеќе програми и активности на Црвениот крст, г. Мукаетов се истакнува како позитивен пример и во својата лична, но и во професионалната агенда, па Црвениот крст го поставува на високо место не само како поддржувач на нашите активности, туку и како партнер и пријател на хуманоста“, истакнуваат од Црвен крст на Град Скопје.
Манифестацијата „Оскар на хуманоста“ се одржа во склоп на повеќето активности посветени на одбележувањето на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и на Неделата на Црвениот крст (8-15 мај).
Покрај премиум Оскарот за хуманост, беа доделени и награди во неколку селектирани категории: корпоративен сектор, образовни институции, единици на локалната самоуправа и медиуми.
„За нас како компанија и за мене како поединец Црвениот крст е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни“, истакна Мукаетов.
Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на Град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, а само во последните година и половина „Алкалоид“ организираше три крводарителски акции, во чии рамки беа собрани повеќе од 400 единици крв. Покрај тоа, во 2013 година „Алкалоид“ помогна за реновирање и за ребрендирање на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во неговото тековно функционирање. Во рамките на компанијата неодамна беа спроведени и неколку масовни акции за донирање облека и храна на собирни пунктови на трите локалитети на „Алкалоид“.
На глобално ниво, Оскарот на хуманоста на Црвен крст ги акцентира заложбите за зачувување на хуманоста, како и тенденцијата да се поттикне хуманоста кај секој поединец во заедницата во која живее и дејствува. Низ симболиката на солидарните заложби му се оддава почит на основоположникот на идејата за формирање на Црвениот крст, Анри Динан, но и се упатува благодарност до 16-те милиони волонтери во 191 земја во рамките на Движењето на Црвениот крст и на Црвената полумесечина низ светот, кои го посветуваат своето драгоцено време за доброволна служба, секогаш подготвени за вклучување во локална хуманитарна акција за глобално добро.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа