Одлуките на Судскиот совет задолжително ќе се образложуваат, ќе има рокови за сите фази на постапката

 


Судскиот совет денеска на седница ги разгледа и усвои предлог измените и дополнување на Деловникот за работа со кои се исполнуваат дел од препораките, нотирани во извештајот на Оценската мисија на ЕУ за работата на Советот. Одлуките за избор или неизбор на судија или претседател на суд членовите на Судскиот совет со право на глас ќе мора задолжително да ги образложат, а се предвидуваат и рокови за постапување во сите фази на постапката, измена што има за цел да се спречи чување на предмети по фиоки, а секое постапување надвор од предвидените рокови ќе значи одредени последици.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во образложението на точката рече дека измената и дополнувањето на Деловникот била неопходна активност во насока на имплементација на дадените препораки на Европската унија, нотирани во извештајот на Оценската мисија на ЕУ за што Судскиот совет усвои и акциски план.

-  Како препорака наведено е образложување на одлуките за именување, особено ако судиите кои се прворангирани не се избрани и Судскиот совет дава предност на кандидат со пониско рангирање. Одлуките треба да бидат индивидуализирани да се засноваат на објективни стандарди, да бидат конзистентни и компаративни. Стандардните образложенија не треба да се користат во процесот, нагласи Дамева.

За спроведување на оваа препорака  покрај писмено изготвување на одлуките, во смисла на пишано образложение, неопходно беше секој член на Судски совет со право на глас задолжително на седница да ја образложи својата одлука за избор или не избор на судијата.

-  Со оваа измена на Деловникот на седница кога ќе се одлучува за избор на судија или претседател на суд ќе се имплементира активноста на мерката. Нема да се продолжи со онаа пракса кога одредени членови не даваа образложение зошто гласаат против, иако според мене и во тој случај беа должни да го образложат својот став. Значи облигаторно ќе биде и секој ќе треба да се произнесува и зошто гласа за избор и зошто гласа против, нагласи Дамева.

Временската рамка во Акцискиот план за овие две препораки е декември 2024 година, но Дамева нагласи дека ќе се имплементира по донесувањето на измената на Деловникот, а целосна имплементација на една од наредните седници кога ќе се врши избор на судија или претседател на суд.

Дамева, исто така, посочи дека со дополнување на Деловникот со член 28а се предвидуваат рокови за постапување во сите фази на постапката. Ова, како што рече, е предвидено и како препорака 6 во Акцискиот план.

-  Па така нема да се чуваат или забораваат предмети по фиоки. Со оваа измена, секое постапување надвор од предвидените рокови значи неажурно постапување од член на совет или самиот Совет, кое во иднина секако ќе сноси одредени последици или сите ние колективно, изјави Дамева.

Со усвојувањето на измените на Деловникот, Дамева нагласи дека ќе се имплеметира и препораката 8 од Акцискиот план, а која се однесува на вклучување на Здружението на судиите и организациите на граѓанското општество при расправа и усвојување на годишниот извештај на Советот. 

29.05.2024 - 11:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега