Масовен напад на Хезболах на северот на Израел, истрелани сто ракети
Либанската милитантна група Хезболах денеска изврши најмалку 30 напади со беспилотни летала врз северен Израел, што е најголемиот напад со беспилотни летала од почетокот на конфликтот во Газа пред осум месеци, изјави за Ројтерс извор од безбедносните сили.
Хезболах соопшти дека лансирал ракети и вооружени дронови на девет израелски воени локации во координиран напад, интензивирајќи ги непријателствата на јужната граница на Либан втор ден по ред.
Нападите се извршени како одмазда за израелскиот напад во вторникот во кој загина висок теренски командант на Хезболах, пишува британската агенција. Во соопштението на Хезболах се наведува дека групата со беспилотни летала го нападнала седиштето на израелската северна команда, седиштето на разузнавачките служби и воените касарни.
Телевизијата Ал Манар, која е поврзана со милитантната група, објави дека биле истрелани 100 ракети одеднаш.
Израелската армија претходно соопшти дека од Либан биле лансирани најмалку 40 ракети, а две лица се полесно повредени.
Израелската противпожарна и спасувачка служба извести дека околу 15 пожари избувнале како резултат на ракетен истрел од Либан на Горна Галилеја и Голан, како и паѓање шрапнели по пресретнувањето ракети од Либан, пренесува Тајмс оф Израел. Израелскиот дневен весник Марив објави дека вкупно 150 ракети биле лансирани од Либан кон северен Израел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа