Следете што се случува денеска во Владата

 

Граѓаните денеска преку телевизиските екрани ќе може во живо да ја следат седницата на Владата на Република Македонија. Премиерот Никола Груевски и министрите ќе треба да разгледуваат 167 точки од економијата, инфраструктурата, здравство, образование, европските интеграции.

На дневен ред е и процесот на регулаторна гилотина, укинување на административните бариери и определени процедури кои што го обременуваат функционирањето на компаниите.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека на отворената седница ќе се разгледуваат и прашања од областа на енергетиката, процесите на реализација на енергетските објекти, гасоводот, хидроцентралите. Премиерот и министрите ќе расправаат и за стипендиите на младите,  набавката на здравстената опрема, како и точки кои се однесуваат за пензионерите.

-Целта на ваквата манифестација е граѓаните да може да се запознаат со функционирањето на самата Влада, да видат како изгледа непосредно одржување на една владина седница, да слушнат дискусии на министрите. Исто така да имаат увид во точките кои се дискутираат и чија интенција е да донесат подобри услови, зголемување на можностите за граѓаните, за субјектите, за компаниите, за сите оние за кои се однесуваат точките од дневниот ред, објасни Ѓорѓиев.

Отворената седница е трета манифестација во рамки на концептот на работни отворени денови. Претходно беа реализирани денот на идеите и црвениот тепих за граѓаните.

 

 

21.12.2013 - 13:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега