Филипче: Наставниците и работниците се разочарани, платите со оваа Влада нема да растат
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска е во Битола кадешто се сретна и со наставниците од овој град.
-Разочарувањето од тоа што оваа година ќе ја започнат школската година без покачени плати е големо и тоа јасно ми го пренесоа. Покрај наставниците има големо разочарување и кај сите останати работници кои школската година ја започнуваат со зголемени трошоци за живот и најави дека нема да се зголемуваат платите. Прекинот на трендот на постојан раст на платите, вклучително и на минималната плата која што СДСМ успешно го спроведуваше 7 години, е на директна штета на работникот и го загрозува животниот стандард на граѓаните. Денеска гледаме дека трошоците за живот се покачени а платите не се зголемуваат, што апсолутно значи дека животот за граѓаните станува потежок, рече Филипче.
СДСМ останува партнер на работниците, на граѓаните и на синдикатите и ќе вршиме притисок врз владата да го смени планот, додаде претседателот Филипче.
-Преку Собранието, но и преку сите демократски механизми кои ни се на располагање ќе вршиме притисок врз актуелната власта да ги промени погрешните политики, да го смени планот и да овозможи платите да продолжат да растат, рече претседателот Венко Филипче, денеска во Битола.
21.08.2024 - 20:23
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа