СДСМ: На Влатко Ѓорчев му најдоа работа за 100.000 плата
Поранешниот долгогодишен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, како назначен национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси, од страна на Владата со одлука за утврдување на коефициенти ќе добива нето-плата од околу 105.000 денари месечно.
Како и за другите национални координатори, така и за новововедената функција на поранешниот гласноговорник на владеачката партија му е одреден коефициент од 2,87 кој се множи со просечната национална нето-плата за минатата година.
Платата на Ѓорчев ќе беше многу поголема доколку претходната власт под притисок на јавноста не ги намалеше коефициентите на платите на именуваните функционери. Коефициентот за националните координатори од 3,3 се намали на 2,87. Одлуката беше донесена во март предизборно, откако започнаа коефициентите да се множат со целата просечна плата. Сепак, и без тоа платата за функционерите забележително се зголеми откако просечната на национално ниво имаше висок раст поради инфлаторскиот притисок. Прилично висок раст бележи просечната плата и оваа година, па се очекува Ѓорчев да има уште поголема во 2025.
Ѓорчев последната државна функција што ја вршеше, пред да биде назначен за национален координатор, беше пратеник во парламентарниот состав до 2020 и ја водеше собраниската комисија за труд и социјална политика, при што тогашното владеачко мнозинство често го прогласуваше за највиновен што не можеа да се изгласаат законите за зголемување на платите во образованието, минималната плата и пензиите.
Во 2019 долг период беше обвинуван од пратениците на СДСМ дека не сака да закаже продолжение на седница на ова собраниско тело на која би се разгледале законските измени за зголемување на пензиите за 900 денари. Беше посочен дека ги кочи дискусиите и ја прекинува седницата за предлог-законот за зголемувањето на минималната плата истата година на тогашни 14.500 денари. Тој тогаш прашуваше дали има финансиска одржливост за вакво зголемување на минималната плата. Во 2020 пред парламентарните избори, непосредно пред распуштање на Собранието, Ѓорчев не ги закажуваше седниците за зголемување на платите на професорите во високото образование за 10 отсто, иако преговорите беа завршени со синдикатот.
На последната владина седница Лилјана Затуроска е именувана за национален координатор за локална самоуправа, а Верче Мицевска е именувана за национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Тие ќе ја добиваат истата плата како и Ѓорчев. Од претходно, национални координатори во новата Влада се Павле Трајанов, Блерант Рамадани и Солза Грчева. Претходната власт до нејзиното заминување имаше 16 координатори, меѓу кои и неколку заменици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа