Ѓорѓиевски: После пожарот во Расадник може да се засадат само овошки, градење нема да има!
Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, во своето гостување за Радио Слободна Европа, запрашан за големиот пожар што избувна во населбата Расадник изјави дека на опожареното место нема да се гради ништо, иако од кујната на опозициските партии се сервираше нешто друго.
Како што кажа Ѓорѓиевски, сопрен е спорниот ДУП за Расадник кој предвидуваше 99 згради и беше донесен од неговиот претходник, а за истата населба е распишан Меѓународен конкурс кој е прв во Македонија после Кензо Танге.
- По големиот пожар во Расадник, како што изјавив и за медиумите,но го изнесов тоа и на мојот фејсбук профил, нема да се гради ништо. За да се гради во Расадник, треба да се донесе Детален урбанистички план (ДУП).
За разлика од минатото и концептот од минатото, каде што во Расадник требаше да се изврши груба бетонизација од мојот предходник, од редовите на Социал-демократскиот сојуз, тоа е бившиот градоначалник на Кисела Вода, мојот концепт, кој што го понудив беше поинаков, граѓаните го поддржа и тој концепт станува пракса. Почнува во пракса да се реализира, а тоа значи во првиот дел од своето ветување, јас кажав и заврши успешно објавување и избор на меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник. По завршената постапка треба допрва да се нарача изработка на ДУП. Согласно финансиите на општината, кога ќе бидеме во можност, ќе извршиме постапка во која што ќе биде нарачан Детален урбанистички план, но во моментов сме далеку од таа постапка.
Така да сумирам долгото на кратко, во Расадник нема ништо да се гради, во Расадник јас препорачав на оние кои што беа загрижени, бидејќи во моментов единствено може да засадат некоја овошка, зеленчук и така натаму, може да се искористат својата имагинација и креација и да пристапат кон такво нешто – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот кажа и дека неговото функционирање е по приоритетите на граѓаните, по концепт на функционалност и креирање на Буџет со вклученост на граѓаните кој се темели и капитални инвестиции, а не груба бетонизација како што тоа се случувало во минатото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа