Западнонилската треска се шири: Регистриран петтиот случај во Македонија

 


Пациент од струмичко е хоспитализиран на Инфективната клиника поради компликации од вирусната западнонилска треска, која ја пренесуваат комарци, објави „Сител“. Тој е петтиот случај на заразен од оваа болест кој е регистриран во земјава. 62-годишниот човек бил упатен на клиниката од страна на неговиот матичен лекар. При прегледот, пациентот бил во лоша здравствена состојба и имал и невролошки симптоми. Нема податок дали патувал надвор од Македонија, вели за Сител директорот на Инфективна, д-р Фадил Цана.

-Сомневано е за централно засегање, невролошко. Добиен е резултат за вест најл позитивен резултат и од ликвор и од серум. Во моментот пациентот е подобар, има разбистрување на свеста, но нормално, се уште е во тек лекувањето, вели Д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.

При приемот пациентот имал и висок крвен притисок и во консултација со кардиолози, состојбата била ставена под контрола.

Пред девет дена на Инфективна од компликации поврзани со вирусот почина 78-годишен жител на општината Чешиново-Облешево. Во април и јули Институтот за јавно здравје евидентирал двајца заразени со западнонилска треска, кои биле увезени случаи, додека пациентот тестиран во август не патувал надвор од државата.

Според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, во 15 европски земји меѓу кои и Македонија годинава има потврда за 715 заразени по каснување од комарци а 51 пациент починал поради компликации од заразата.

Болеста не се пренесува од човек на човек, а инкубацијата е од 3 до 14 дена.

25.09.2024 - 10:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега