Нетанјаху во ОН: Мојата земја се бори за живот
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во својот говор на Генералното собрание на Обединетите нации изјави дека неговата земја „се бори за својот живот“ и затоа немал намера да присуствува на ОН оваа година.
Како што додаде, откако слушнал „лаги и клевети“ од ОН, сепак дошол да ја каже вистината и да се пресмета, објави „Тајмс оф Израел“.
„Израел бара мир, Израел копнее по мир, Израел создаде мир и ќе го врати“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека, и покрај тоа, Израел е соочен со сурови непријатели кои сакаат негово уништување и предупреди дека тие исто така сакаат да ја уништат цивилизацијата.
„Мојата земја е во војна, се бори за својот живот. Мораме да се браниме од суровите убијци. Нашите непријатели не сакаат да не уништат само нас, туку и нашата заедничка цивилизација, како и да не вратат сите во мрачното доба на тиранијата и терор“, рече израелскиот премиер, пренесе Ројтерс.
Цитирајќи зборови на поет, Нетанјаху рече дека Израел „нема да оди мирно во ноќта“, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој рече дека светлината на Израел ќе свети вечно, а на народот и војниците на таа земја им порача да бидат силни.
„Народот на Израел ќе живее сега, утре и засекогаш“, рече тој во своето обраќање.
Тој се обрати до ОН додека Израел продолжува со нападите врз позициите на Хезболах поддржани од Иран во јужен Либан, пренесува Ројтерс.
Во својот говор Нетанјаху го обвини Иран, нагласувајќи дека Израел се брани од Техеран на седум фронта.
„Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре. Ова важи и за целиот Блиски Исток. Израелските војници нема да бидат јагниња за колење, далеку од тоа, тие возвратија со неверојатна храброст“, рече Нетанјаху.
Во тој момент, дел од делегациите на средбата, меѓу кои и Иранците, ја напуштија салата, пренесе Ројтерс.
Израелскиот премиер додаде дека има уште една порака за собирот како и за светот, а тоа е дека Израел победува.
„Израел ќе продолжи со дискусиите за предлозите за прекин на огнот во Либан во наредните денови“, изјави претходно денеска Нетанјаху, пренесува Танјуг.
Тој рече дека неговата земја повеќе нема да ги толерира секојдневните ракетни напади на Хезболах, пренесе АП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа