Орбан предлага решение за спорот со Бугарија


Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој престојуваше во официјална посета на државава, вчера од Охрид порача дека Унгарија има план како да го реши спорот меѓу Скопје и Софија. На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, по меѓувладината седница, тој нагласи дека земјава мора да ги почне преговорите до крајот на годинава и оти Унгарија е подготвена да го искористи Претседателството со ЕУ и да посредува во прашањето со Бугарија. Според премиерот Мицкоски, пак, не смееме да губиме надеж и да се разочаруваме, нагласувајќи дека е добро што „имаме пријатели во ЕУ, кои што сакаат да го шират нашиот глас во рамките на Унијата“. 

Одвојувањето од Албанија, Орбан го оцени како голема грешка и порача дека земјава до крајот на годината мора да ги започнете преговорите за зачленување во ЕУ.

-Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година и заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење. Хрватска веќе е членка на ЕУ, а со Северна Македонија уште не се започнати преговорите за зачленување. Ова е огромна грешка од страна на ЕУ, што би ја карактеризирал како историска и сега може да се стави на квадрат, бидејќи Северна Македонија ќе биде ставена зад Алабанија, за што не гледам никакви причини, изјави вчера во Охрид Орбан.

Моментално, како што посочи Орбан, навистина изгледа дека придвижување на Северна Македонија е можно „ако на некој начин да се спогоди со Бугарија“. 

- Јас за тоа имам свој предлог и го пренесов на премиерот. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник. Тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение, такво какво што одговара и на Македонија и на Бугарија. Но, тоа е работа на страните кои се во судир, ние сме тука да им помогнеме, изјави Орбан, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со Мицкоски. 

 

28.09.2024 - 09:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега