Горан Минчев: Не се подготвува нов Закон за правична застапеност – кај ВРЕДИ созрева мислењето дека Балансерот би злупотребуван
Иниституциите ќе добијат упатства, како и на кој начин ќе се вршат вработувањата во јавната администрација, по одлуката на Уставниот суд, вели министерот Горан Минчев во интервју за Прес24. Наспроти изјавите на претставниците на владиниот партнер ВЛЕН, дека во завршна фаза е нов Закон за правична застапеност, Минчев вели дека во рамки на министерството не се подготвува ново законско решение кое се однесува на правичната застапеност на етничките заедници.
-Илузорно е за тоа да дебатираме до конечната одлука на Уставниот суд.Во ставовите на претставниците на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата “ВРЕДИ”, постои некоординираност и неусогласеност. Едни велат дека треба да започне дијалог во рамки на владината коалиција за евентуално ново законско решение, други велат дека е во завршна фаза новото законско решение за правичната застапеност на етничките заедници. Но, тоа е внатрешна работа на коалицијата “ВРЕДИ”. Сепак и во нивните редови созреа мислењето, и тоа јавно го истакнуваат, дека дигиталната алатка Балансер во минатото била злоупотребувана, вели Горан Минчев, министер за Јавна администрација во интервју за Прес24.
Вели дека најголоем проблем во јавната администрација не е превработеноста, бидејќи последните бројки поикажуваат намалување на вработените, туку организацијата, стручноста и професионалноста на вработените.
-Заклучно со 31.12.2016 година заснован работен однос имале 129.653 лица во 1291 институција на јавниот сектор. Заклучно со 31.12.2023 година (последен пресек), 128.879 лица имаат засновано работен однос во 1371 институција на јавниот сектор. Оттука можеме да заклучиме дека бројот на административните работници е намален, но бројот на институции во јавниот сектор е зголемен. Според мене, проблемот не е во бројноста на административните службеници, туку во нивната несоодветна стручност, знаење и подготвеност да одговорат на постоечките предизвици. Ќе ми дозволите да заклучам: Потребни се системски, квалитетни и применливи законски решенија, потоа доквалификација на постојните вработени и создавање на ефикасна јавна администрација која ќе биде стручна, едуцирана, и со извршувањето на своите работни задачи ќе обезбеди високо професионална и компетентна јавна служба.
ПРЕС24: Одлуката на Уставниот суд времено да го стопира Балансерот, предизвика остри реакции во политичката јавност. Претходно Вашата одлука за промена на формулата за пресметка во Балансерот, исто така предизвика реакции. Што е следно?
МИНЧЕВ: Министерството за јавна администрација пред нешто повеќе од два месеци донесе одлука да ја смени формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници преку дигиталната алатка т.н. Балансер. Измената на процентите на Балансер алатката исклучиво се направени согласно Законот за вработените во јавниот сектор кој претходно не бил испочитуван. Тоа значеше дека во пресметката на Балансерот како дел од годишните планови за вработување во јавниот сектор беше вклучено само бројот на резидентното население во државата, а нерезидентното население беше исклучено од пресметката, согласно податоците од последниот попис спроведен во 2021 година. Иако оваа промена предизвика бура од реакции, особено од страна на партиите од албанскиот политички блок, јас и тогаш и сега останувам на веќе кажаниот став: Се додека раководам со Министерството за јавна администрација, ќе работам согласно законските прописи, и немам намера да отстапам од тоа, му се допаѓало тоа некому или не.
Што се однесува до одлуката на Уставниот суд за времената мерка за стопирање на примената на неколку одредби кои се дел од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници, а се однесуваат и на Балансерот, Министерството за јавна администрација се воздржува од било каков коментар. Таа одлука ние ќе ја почитуваме и ќе ја спроведуваме. Моето лично мислењe е конзистентно и неколку пати соопштено во јавноста. Балансерот во минатото честопати бил предмет на манипулации и злоупотреби. Оттука сметам дека треба да биде укинат. Впрочем, оваа констатација е и дел од скрининг извештајот на Европската комисија. Во тој контекст одлуката на Уставниот суд ја поздравувам.
Следи сериозен реформски процес во јавната администрација, со креирање на сеопфатни, инклузивни и системски закони, кои со својата применливост ќе овозможат брза и квалитетна услуга за граѓаните.
ПРЕС24: Коалициониот партнер ВЛЕН зборува за нов закон за правична застапеност, Премиерот чинам вели дека тоа било Комисијата во Собранието. Се работи ли на ново законско решение?
МИНЧЕВ: Министерството за јавна администрација е носител на двата закони кои се однесуваат на правичната застапеност на етничките заедници, а тоа се Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, кои во моментов се предмет на широка јавна расправа и дебата.
Во рамки на министерството не се подготвува ново законско решение кое се однесува на правичната застапеност на етничките заедници. Илузорно е за тоа да дебатираме до конечната одлука на Уставниот суд.
Во ставовите на претставниците на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата “ВРЕДИ”, постои некоординираност и неусогласеност. Едни велат дека треба да започне дијалог во рамки на владината коалиција за евентуално ново законско решение, други велат дека е во завршна фаза новото законско решение за правичната застапеност на етничките заедници. Но, тоа е внатрешна работа на коалицијата “ВРЕДИ”. Сепак и во нивните редови созреа мислењето, и тоа јавно го истакнуваат, дека дигиталната алатка Балансер во минатото била злоупотребувана.
ПРЕС24: Она што неофицијално се споменува е дека одлуката на Уставниот суд практично е еден правен вакум, од кој во моментов се блокирани сите вработувања во јавната администрација. Дали е тоа точно? На кој начин ќе се премостува овој проблем до конечна одлука на Уставниот суд?
МИНЧЕВ: Во моментов на сила се донесените времени мерки од страна на Уставниот суд за стопирање на примената на неколку члена од два закони кои се однесуваат и на Балансерот, и извештајот од одлуката на Уставниот суд е објавен на нивната веб страна и во Службен весник на РСМ.
Што се однесува до распишаните огласи за вработувања кои се во тек, Министерството за јавна администрација постапува согласно содржината на донесените времени мерки од страна на Уставниот суд. За истите подготвивме соодветни инструкции односно насоки, кои во моментов се споделуваат и доставуваат до сите институции во државата. Овие инструкции се јавно достапни на веб страната на Министерството на јавна администрација.
ПРЕС24: Администрацијата е најболната точка на македонското општество. Вие имавте некои првични анализи за моменталната состојба, но јас сакам да Ве прашам дали има изводлив модел за системско решение на овој проблем?
МИНЧЕВ: Јавната администрација е столбот или темелот на постоење на една држава, на една нација. За да тргнеме по еден силен реформски пат, мора да имаме соодветна анализа и да ја констатираме фактичката состојба. Како показател низ бројки можам да кажам дека согласно годишниот извештај за вработени во јавниот сектор, кој секоја година Министерството го објавува на својата веб страна, бројот на вработени во администрацијата е константен неколку години наназад.
Заклучно со 31.12.2016 година заснован работен однос имале 129.653 лица во 1291 институција на јавниот сектор. Заклучно со 31.12.2023 година (последен пресек), 128.879 лица имаат засновано работен однос во 1371 институција на јавниот сектор. Оттука можеме да заклучиме дека бројот на административните работници е намален, но бројот на институции во јавниот сектор е зголемен. Според мене, проблемот не е во бројноста на административните службеници, туку во нивната несоодветна стручност, знаење и подготвеност да одговорат на постоечките предизвици. Ќе ми дозволите да заклучам: Потребни се системски, квалитетни и применливи законски решенија, потоа доквалификација на постојните вработени и создавање на ефикасна јавна администрација која ќе биде стручна, едуцирана, и со извршувањето на своите работни задачи ќе обезбеди високо професионална и компетентна јавна служба.
ПРЕС24: Нема политичка гарнитура која може да оддолее на потребата од вработувања во администрацијата, но како според Вас може да се делува тоа да не бидат исклучиво партиски послушници?
МИНЧЕВ: Реформите во јавната администрација мора да се случат. Реформите треба да бидат финален производ кој ќе содржи образование, квалитет, стручност, знаење, професионалност, етика и почитување на мерит систем. Тоа е долготраен процес, трнлив пат, сложен пат, но изводлив пат. Време е во Македонија да престанат партиските вработувања, етничките вработувања и вработувањата по роднинска линија. Првиот услов да започне долго најавуваниот процес на реформа во јавната администрација е да се донесат квалитетни, системски но и применливи закони, кои треба да произлезат од широка јавна дебата. Вториот услов е да постои политичка волја да се спречи она што се случувало во изминатите години, децении а тоа е партизацијата и вработување во јавниот сектор на нестручен и некомпетентен кадар. Политичка волја кај оваа Влада постои. Време е да се вработуваат и да напредуваат тие што знаат, тие што работат, тие што заслужуваат. Време е за професионална и квалитетна јавна администрација. Ние како министерство за јавна администрација сме силно посветени и подготвени да го креираме и водиме овој процес.
ПРЕС24: Во предизборието се зборуваше за реорганизација и намалување на институции. Имате ли веќе јасна слика дали таков зафат е реален?
МИНЧЕВ: Реорганизацијата и потенцијалното намалување на институциите е навистина сложен и долготраен процес. Не станува збор само за намалување на бројот на институциите, туку и за подобрување на ефикасноста, гаранција дека ресурсите се правилно распределени и јавните услуги се подостапни и поедноставни за крајните корисници, а тоа се граѓаните.
Министерството за јавна администрација врши длабински анализи на постоечките структури, нивните улоги и нивната ефикасност. Внимателни сме во овој процес, неопходна е одредена рационализација, која ќе биде базирана на релевантни податоци и информации, за да се избегне нарушување на основните услуги.
Наш приоритет е модернизирање и оптимизирање на јавната администрација, дигитализација, но мораме да бидеме сигурни дека сите промени водат кон подобро владеење, отчетност и транспарентност.
Посветени сме да го правиме ова одговорно, со придонес од сите засегнати страни и притоа да го задржиме главниот фокус, а тоа е квалитетната услуга за граѓаните.
ПРЕС24: На прагот сме од 100 дена на новата Влада. Како го оценувате овој период?
МИНЧЕВ: Новата влада се соочи со голем број на предизвици. Тука пред се мислам на исклучително лошата затекната состојба во Буџетот, високиот степен на корупција, недовербата на граѓаните кон институциите, посебно кон судскиот и правосудниот систем, атмосфера на изневерени национални и државни интереси, превземени обврски за капитални инвестиции кои се со крајно сомнителен исход, висока инфлација, голема сиромаштија итн. Она што за мене е најважно дека во овие 100 дена на новата влада, нема ниеден корупциски скандал за именуваните функционери. Тоа е јасен показател, дека новата влада е посветена, мотивирана и има чесни намери да испорача резултати. Тоа и се случува.
Ќе наведам само неколку примери од повеќе области.
-Најавени се 4 странски капитални инвестиции (изградба на ветерници во државата на „Aлказар Енерџи“ ; изградба на развојно истражувачки центар, алерти центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец на „Епсотех Аим“ ; инвестиција за производство на сопирачки за шински возила на американскиот „Вебтек“ ; производство на литиум јонски батерии во Технолошко индустриско развојната зона Скопје на германската компанија „BMZ Group“) во вредност од над 600 милиони долари кои ќе обезбедат над 1500 нови работни места
-Линеарно ќе се зголемат пензиите во износ од 5.000 денари
-Објавен е јавен повик и обезбедени се 100 милиони евра за развојни проекти на општините
- Одвоени се 359 милиони денари за решавање на заостанатите плати за близу 3.000 вработени во ЈП „Национални шуми“ и АД „Водостопанство“
-Обезбедени се финансиски средства за заостанати плати во Македонски Пошти, Железници Инфраструктура и Железници Транспорт
-Обезбедени се над милијарда денари, субвенции, за покривање на заостанатите долгови кон земјоделците од претходната власт
-Намален е долгот во фондот за здравство и проширена е позитивната листа на лекови
-Укинати се економските директори во здравствените установи, со што е направена заштеда на годишно ниво во Буџетот на РМ на повеќе од половина милион евра
- Укината е десеткратно зголемената нотарска тарифа
- За прв пат по седум години, учебната година започна со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата
-Ограничена е бруто профитната маржа на стотина основни прехрамбени производи до 10 посто во трговијата на големо и мало
-Најавено е унапредување на порталот со кој граѓаните ќе ги добиваат нивните документи „онлајн“ без да имаат потреба да одат по шалтери
-Дигитално поврзување на податоците на многу институции, како начин за спречување на корупцијата
-Започната е кампања под мотото “Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација” со која е означен почетокот на реформите во јавната администрација
Сите овие остварувања за краток период, ми даваат за право да истакнам дека новата влада има успешен старт, и претставуваат дополнителен поттик за сите нас, кои сме дел од владата, да го дадеме својот максимум со една заедничка цел, подобрување на условите за живеење и повисок стандард за граѓаните во Република Македонија. Претстои уште многу работа, но уверен сум дека сме на вистинскиот пат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа