Хаос во Грција: 400 пожарникари не можат да го изгаснат големиот пожар со денови

Повеќе од 400 пожарникари и доброволци трет ден се борат со шумскиот пожар на југот на Грција.

За гаснење на пожарот во областа Коринтија на Пелопонез беа распоредени 20 авиони, на кои ќе им се придружат тројца од Италија и Хрватска, бидејќи Грција побара помош преку механизмот на ЕУ за цивилна заштита. Вчера беше објавено дека две лица загинале во шумски пожар во близина на Коринт, 140 километри западно од Атина. Иако најголемиот пожар е изгаснат, сè уште горат неколку помали расфрлани пожари, а гаснењето го отежнува ветерот. Владиниот портпарол Павлос Маринакис изјави дека акцијата на пожарникарите била отежната поради непристапниот терен и лошата патна мрежа. „За време на првата, клучна фаза, противпожарните возила имаа големи тешкотии при приближувањето поради тесните патишта. Им попречија голем број клисури и бурни ветрови“, рече Маринакис. Цивилната заштита нареди евакуација на областите погодени од пламените јазици, вклучително и градовите Пиргос, Елиникон и Калитеа. Шумските пожари секое лето ја зафаќаат Грција, како и другите земји на југот на Европа, но секоја година стануваат се посилни и подолготрајни поради глобалното затоплување. Во изминативе месеци во Грција избувнаа повеќе од 4.500 шумски пожари. Поради долготрајната суша и интензивните топлотни бранови, овогодинешната сезона е означена како најопасна во последните две децении.

Но, повеќето од пожарите беа брзо изгаснати бидејќи грчката влада инвестираше многу пари во купување авиони за гаснење пожари и опрема за рано откривање пожари.

01.10.2024 - 19:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега