Претседателот Иванов го честита католичкиот Бадник

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат празникот на  Раѓањето Христово –Божик според Грегоријанскиот календар. 

- Овој голем празник на љубовта, мирот и на помагањето нè учи да живееме во простување и во милосрдие, да ги следиме врвните морални закони во нас и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината. Божик е време за мир, заедништво и добри дела. Време кога на нашите ближни им подаруваме љубов и добрина. Време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество. Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово – Божик на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата која ја живееме. И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и во другите, и креативна енергија за да придонесеме за севкупниот напредок на нашата татковина Македонија, вели Иванов во честитката.

24.12.2013 - 11:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега