100.000 евра ќе светат на Маврово - Дебар

Министерството за финансии и општина Маврово-Ростуше денеска потпишаа договор за финансирање на проектот „Изградба на улично осветлување на две секции од регионалниот пат П-409 Маврово-Дебар во вредност од 6.426.634 денари. Средствата се обезебедени преку Проектот за подобрување на општински услуги МСИП кој го спроведува Министерството за финансии заедно со локалните власти, со финансиска поддршка од Светска банка.

Проектот предвидува набавка и изградба на јавно улично електрично осветлување на две секции од регионалниот пат Маврово-Дебар кои се наоѓаат на територијата на општината Маврово Ростуше.

Првата локација ги поврзува населените места Ростуше, Велебрдо и Требиште каде во тек е изградба на спортско-рекреативен комплекс. Од Министерството за финансии во соопштението наведуваат дека со осветлувањето на оваа локација ќе се овозможи развој на спортско-рекреативните активности во општината.

Втората локација се однесува на осветлување на економската зона која се наоѓа под село Жировница, каде се веќе сместени две фабрики и еден угостителски објект. - Со осветлувањето на овој дел од патот ќе се зголеми атрактивноста на зоната за потенцијалните инвеститори и ќе се поттикнат економските активности во општината кои ќе придонесат за забрзување на економскиот развој и зголемување на вработеноста, стои во соопштението.

Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП досега финансира проекти на 30 општини кои треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во општините, енергетската ефикасност, водовод и канализација, за изградба на градинки и други проекти кои ќе придонесат за подобрување на животот во општините.

24.12.2013 - 12:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега