Бискупот скопски Киро Стојанов го честита Божиќ на сите католици

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов упати божикна честитка по повод празникот Божик што утре го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед.

- Браќа и сестри, луѓе со добра волја! Божик е. Божјото доаѓање при човекот ни овозможи и ние денес да се среќаваме со Него. Човештвото во 21 век се обидува да живее – повеќе од кога и да е досега во историјата – како Бог да не постои.  Секојдневно нè изненадува по некој трагичен настан за кој се прашуваме дали е тоа возможно. Со своите очи гледаме што сè околу нас се случува, како сè повеќе човекот од човек е отуѓен и како човек е против човекот и покрај сите безбројни декларации и документи за солидарност, соживот, демократија и за подобро општество. Опкружени сме со апатија, рамнодушност и безнадежност, се наведува во честитката на бискупот Стојанов.

Драги браќа и сестри, истакнува бискупот, да не допуштиме да бидеме заведени со сето она што е околу нас, туку да допуштиме  Божикниот настан да се случи во нас.

- Сите реформи и сите ветувања се празни ако не се промени човекот, а тој не се менува со техника, туку внатрешно со промена на менталитетот, живот по срце и совест. Мојата желба, честитка и молитва е во таа насока. Сакам за сите Вас Божјото приближување, Божикното таинство, да не биде празен обичај, туку да биде вистински настан и да почувствуваме дека тој Бог тропнал и на ѕидините од нашето срце и нашата совест. Примете Го и не плашете се, Христос дојде не да суди, туку да го спаси светот. Нека ви биде среќна и благословена Божјата присутност на овој Божик. Христос се роди!, се вели во божикната честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

24.12.2013 - 12:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега