Почина Иво Лауренчиќ

По долго и тешко боледување денеска почина Иво Лауренчиќ, легенда на македонскиот и регионалниот маркетинг, претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеја плус“.

Во својата кариера Лауренчиќ создал над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се пример за врвни достигнувања.

Роден е во Шибеник, завршил Филмска академија во Белград, бил директор на Втората програма на РТВ Белград, работел на многу проекти, градејќи кариера како слободен филмски уметник. Снимал документарци, бил помошник-режисер на „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Грлом у Јагоде“... Со негов потпис беше и видео изразот за последната песна на Евровизија во поранешна Југославија, која во 1990 се одржа во Загреб. Паралелно се усовршувал за маркетинг, комерцијален и политички.

Во Македонија дошол пред 20 години на покана на тогашниот директор на Пивара Скопје Светозар Јаневски. Тука ја развива маркетинг-агенцијата „Идеја плус“, по урнекот на „Идеја плус“ од Белград која веќе успешно работеше во Србија. Набргу агенцијата стана школа за маркетинг во Македонија.

Лауренчиќ го осмсли и реализира серијалот од  1.060 емисии „Говорете македонски“ за Македонската телевизија.  Беше и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица постојам“ која доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.

Неговите соработници го опишуваат како бескомпромисен перфекционист, одличен и искрен пријател.

Комеморативната седница ќе се одржи во среда, 15 мај, во Едукативниот центар М6 во Скопје. Погребот ќе биде извршен на градските гробишта Бутел, истиот ден во 13 часот.

најчитано сега