Комисија за позитивна листа ја разгледува терапијата за онколошките пациенти

 

Комисијата за позитивна листа ја разгледува терапијата за онколошки пациенти, велат од Министерството за здравство за МИА. Одговарајќи на нашите прашања во однос на терапијата за онколошките пациенти, оттаму потенцираат дека и оваа категорија на лекови се разгледува од страна на комисијата, согласно пристигнатите апликации од фармацевтските компании.

- Се очекува и во делот на болничката позитивна листа да бидат воведени нови лекови што се дел од современите третмани за оваа категорија на пациенти. Современата онколошка терапија е веќе достапна за пациентите преку условните буџети што ги доделува Фондот на здравствените установи, а со нивно ставање на позитивната листа ќе се забрзаат процесите за нивна набавка, подвлекуваат од Министерството за здравство.

Во месецот посветен на борбата против рак на дојка, одговарајќи на нашите прашања, од Министерството информираат дека во 2023 година во рамки на скринингот за рано откривање рак на дојка се извршени снимања кај вкупно 4.987 жени, додека од почетокот на 2024 година досега, се прегледани вкупно 9.152 жени.

- Скринингот, годинава се одвива во вкупно 14 јавни здравствени установи и тоа на Универзитетски институт за радиологија, на Клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, во ГОБ „8 Септември“, во трите клинички болници во Тетово, Штип и Битола, поликлиника „Железара“, во поликлиниките „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“, како и во болниците во Кавадарци, Велес, Куманово и Струмица, појаснуваат од Министерството.

Инаку, додаваат оттаму, согласно новата патека за упатување на пациентките, во кабинет за дојка во системот „Мој термин“ се евидентирани вкупно 13.705 прегледи од почетокот на годинава.

- Во однос на ехо прегледи на дојка, само на Институт за радиологија во 2023 година се извршени вкупно 1.618 прегледи, а во 2024 година, досега, се реализирани вкупно 888 прегледи. На ниво на цела држава, во 2023 година се извршени вкупно  18.886 ехо прегледи и 16.421 мамографски преглед, додека годинава, досега, се извршени вкупно 11.676 ехо прегледи и 6.693 мамографии, информираат од Министерството.

Од аспект на опременоста на јавните здравствени установи со дијагностички апарати, потенцираат дека со поддршка од Европската банка за обнова и развој, изминатиот период биле обезбедени мамомати и ехо апарати за Институтот за радиологија, ГОБ „8 Септември“, Клиничка болница - Тетово и општите болници во Куманово, Струмица, Струга и Дебар. Сите апарати биле ставени во функција и станувало збор за најсовремени дијагностички апарати, од кои три, со томосинтеза и стереотаксична биопсија.

Дополнително, со средства од Министерството за здравство, била комплетно опремена нова амбуланта за мамографски скрининг во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

- Министерството почна национална кампања под мотото „Октомвриски розов караван - Превенцијата е најдобра заштита“, што се спроведува со поддршка од СЗО, УНФПА, град Скопје, Здружение за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања „Фемина М“, како и Национална опера и балет, Факултет за музичка уметност и општествено одговорните компании „Скопје сити мол“ и „Синеплекс“, потсетија од Министерството.

Притоа, потсетија, исто така, дека главната активност на кампањата е одржувањето јавни трибини водени од панелисти стручни лица, доктори во јавните здравствени установи низ целата земја, со цел подигнување на свесноста за значењето на превенцијата и раната дијагностика на ракот на дојка.

Промена на Позитивната листа на лекови, корекција на скрининг програмата, нови протоколи на Клиниката за онкологија за да се подобрат условите за пациентите, но и да се олесни работата на докторите, ова се барањата на онколошките пациенти. Тие бараат нови терапии како што има во сите развиени европски, светски земји, бараат нови современи терапии, современ начин на скрининг и на дијагностика.

Катерина Цаневска Арсовска, новинарка и онколошки пациент, во изјава за МИА рече дека државата треба поорганизирано да настапува кон онколошките пациенти, да има доволно лекари и друг медицински персонал и лекови.

- Да има доволно доктори, медицински сестри, кревети. Мора многу поорганизирано да се настапува како држава кон онколошките пациенти, кон исполнувањето на услови за нивно лекување. Кога ќе одат да примат терапија, да не се плашат дали терапијата ќе ја има или ќе ја нема. Тешко е да нема терапија за некој од Скопје, кој ќе отиде и ќе се врати, па ќе доаѓа пак, ама замислете тоа да му се случува некому што е со километри оддалечен од главниот град. Затоа треба да се обезбедат сите, најдобрите видови на терапија и да ја примаат сите пациенти, на кои тоа им е потребно. Тоа е она што неопходно треба државата да го направи како еден од првите потези, за онколошките пациенти кои се борат со најтешката болест, како и за нивните семејства, кои заедно со нив ја водат таа битка и треба да помогнат во излекувањето, ни одговори таа.

23.10.2024 - 10:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега