Мицкоски: Ако соодветна институција констатира неправилност, ќе барам оставка од Бојан Христовски
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата рече дека доколку релевантна институција констатира дека директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски го лажирал ТОЕФЕЛ сертификатот за познавање на англиски јазик, тогаш ќе биде разрешен.
-Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи коишто АНБ ја претвори во тврдина во борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Но, секако нема да биде притисокот којшто доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ, за нас креативни соговорници кои нас треба да нѐ натераат да работиме под притисок, напротив, тоа дополнително ме мотивира кога овие кодошко-удбашки инсталации во СДС и ДУИ напаѓаат чесни луѓе коишто си ја сакаат и работат за својата татковина, рече Мицкоски.
Откако му беше посочено дека бугарските медиумите објавија дека таков центар за полагање на сертификат не постои во Пловдив, премиерот кажа сите услови се исполнети согласно Законот.
-Јас тврдам дека сите услови, согласно Законот се исполнети. Единствен којшто треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија. Ги повикувам да истражи брзо, на брза трака да го стави овој случај како прв приоритет и нека истражи, рече Мицкоски.
Вели дека ова не треба да биде случај како со неговиот син, кога опозицијата правела кампања, па потоа никој немал доблест да се извини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа