Трипуновски: Нашиот фокус е обновување на системите за наводнување
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, од Росоман изјави дека досега се исчистени три километри од левиот магистрален канал.
Со ваквата динамика на работа, надлежните очекуваат до почетокот на идната сезона целиот канал во должина од 40 километри да биде исчистен.
Министерот Трипуновски додаде дека на ниво на подружница заклучно со денес се исчистени повеќе од 13 километри каналска мрежа.
„Денеска сме овде заедно со директорот на подружницата за да покажеме како навистина се работи. Се со цел да ја дочекаме идната сезона со навремена и доволна количина на вода за да не трпи земјоделството“, појасни министерот.
Тој посочи дека Владата и Министерството за наредната година согласно Буџетот ќе даде еден сериозен приоритет во делот на водостопанството на ниво на држава.
„Без вода не можеме да размислуваме на земјоделско производство. Поради тоа нашиот фокус ќе биде на работењето и обновување на системите за наводнување на ниво на држава“, нагласи министерот Трипуновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа