Рибочуварските служби во акција - запленети 28 рибарски мрежи со охридска белвица

Вкупно 28 рибарски мрежи со вкупна должина од 1.400 метри и 43 парчиња охридска белвица запленија рибочуварски служби во акцијата што беше организирана синоќа во водите на Охридското Езеро.

Мрежите заедно со рибите во нив се пронајдени во близина на караулата кај селото Радожда во периодот од 21 часот до два часот по полноќ.

Во акцијата учествуваа одделението за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата при Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија, рибочуварската служба на концесионерот на рибниот фонд во Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, како и полициски служби.

Мрежите и рибите се одземени, а МВР презема мерки за пронаоѓање на на сторителите на ова дело, против кои ќе бидат поведени соодветни постапки, информира државниот инспектор за рибарство и аквакултура, Јован Бојчовски.

Тој најавува дека Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија и Инспекторатот за рибарство на Република Албанија, утре на прес-конференција во Струга ќе ја претстават Програмата за заеднички надзор и контрола во спроведување на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти во водите на Охридско Езеро.

25.12.2013 - 11:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега