Финскиот претседател: Сфатете го сериозно Трамп

 


Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно кога зборува за завршување на војната во Украина, изјави финскиот претседател, Александар Стуб, за „Блумберг“. Победата на Трамп на претседателските избори во САД дополнително ја зголеми неизвесноста за Украина во однос на идната воена помош и одбрана од руската инвазија.

По вчерашниот разговор со Трамп, Стуб рече дека неговите намери по преземањето на функцијата во јануари 2025 година се јасни.

„Европа и остатокот од светот мора да разберат дека Доналд Трамп е многу сериозен за брзо постигнување мировен договор“, рече тој. „Постои можност за овие преговори и пред инаугурацијата“, додаде тој.

Трамп во неколку наврати ветуваше дека ќе ја заврши војната за 24 часа, а иако сè уште нема презентирано конкретен план, се очекува дека тој би можел да вклучи и отстапување дел од украинската територија на Русија.

Во интервју за „Блумберг“, Стуб наведе четири предуслови за мир во Украина. „Ова го вклучува прашањето за териториите, каде што не знаеме како ќе се решат работите. Второто е безбедносни гаранции, третото е правдата и последното е реконструкцијата“, рече тој.

Поради војната во Украина, Финска го забрза приемот во НАТО. Таа официјално стана членка во април минатата година. Со Русија дели повеќе од 1.300 километри граница.

12.11.2024 - 15:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега