Мециновиќ: Мицкоски излажа за Чебрен и продолжува со приватните интереси

 


Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, критикувајќи го Предлог-буџетот за 2025 година, ја потенцираше важноста на проектот Чебрен како единствениот одговор за енергетската стабилност. Тој истакна дека, иако во предизборието го најавуваа, сега, ВМРО - ДПМНЕ за 2025 година не предвидуваат да насочат ниту денар за енергетска независност.

„ДПМНЕ направи ново Министерство за енергетика. Некој би рекол дека ова е приоритет на ДПМНЕ, дека со отворање на ова Министерство за енергетика, сака да ја зголеми енергетскатанезависноста на државата, но, ако видиме меѓу редови, дека припадниците на оваа Влада се претставници на приватниот енергетски интерес, па да не кажам енергетска мафија, и ако видиме како им е конципиран Буџетот - тоа значи дека Министерството за енергетика е создадено само за приватниот енергетски интерес.“ – заклучи пратеникот Мециновиќ.

„Од друга страна, имаме зголемување, на средствата за вооружување и за НАТО, за 2 милијарди дополнителни денари, и ние сме веќе блиску до таа препорачана стапка од 2% за трошење за НАТО, т.е. рекет за НАТО. А за 2026, Мисајловски и Мицкоски пак, предвидуваат дуплирање на таа цифра! Зошто една од најсиромашните држави сака да ја надмине стапката од препорачани 2%, кога покадарни држави не се приближуваат до таа стапка, туку ги приоритизираат социјалните и сите цели кои служат за вдахнување живот во капацитетите на државата?!“ – праша тој.

Мециновиќ потсети на 1991 година и кажа дека Македонија тогаш преживеа без сопствена полиција, војска и парична валута – затоа што имала независен енергетски систем, а денес, таа независност е потполно уништена.

„Ситуацијата дополнително се комплицира со тоа што ТЕЦ Неготино сѐ уште работи на мазут, со тоа што е еколошки и економски неодржливо; РЕК Битола за време на енергетската криза во 2022 година, еден од реакторите се испостави дека 365 дена бил во квар и еден ден само работел. И наместо да се свртиме кон развивање на сопствените енергетски капацитети, а одговорот е очигледен, тоа е Чебрен на Црна река - ние не гледаме дека оваа Влада воопшто има ваков план.“ – продолжи пратеникот од Левица.

„Има едно 10 изјави од Мицкоски за Чебрен, како и за многу работи во неговата политичка кариера... И сега? Каде е приоритетот за Чебрен? Дајте да почнеме барем со првата од десетгодишната фаза. Нема ништо! Затоа што не е приоритет развивање на независноста на енергетскиот систем на Македонија, туку приоритет е Мицкоски со неговите хидроцентрали, со неговите пријатели и Владата наполнета со неговите партнери од времето на неговиот ангажман во енергетскиот сектор. Наместо Чебрен, ние ќе добиеме приватен интерес и дополнителна корозија на енергетскиот систем“ – кажа Мециновиќ којшто поднесе и амандман кон Предлог-буџетот со цел да се пристапи кон изградба на хидроцентралата Чебрен.

“Сите државни елементи во  овој цел систем се во долг! АД Електрани се во долг, неплатен долг од 4,4 милијарди денари и недоспеан долг во висина од 5,7 милијарди денари. Што значи вкупен долг од 10 милијарди денари или околу 165 милиони евра. Од друга страна, ЕСМ за производство на топлинска енергија има вкупен доспеан и недоспеан долг од над 510 милиони денари. А во контраст на ова, приватните енергетски компании како ЕВН Македонија, во 2023 година имаат добивка од 28 милиони евра, што претставува раст од 546% споредено со 2022 година!“ – акцентираше Мециновиќ на комисиската седница.

„Приватните компании во овој систем, ги искасапија нашите граѓани. Дури има статистика дека со мрежарината што ја воведе Регулаторната комисија, која е околу 150-200 денари месечно - никој од нас една сијалица да не запали во Македонија, за 8 години ЕВН ќе направи профит од 200 милиони евра т.е. онолку колку му требаше да го купи делот од ЕСМ“. Мециновиќ објасни и дека, иако велеа дека нема, сепак, околу Нова година ќе следи покачување на цената на струјата.

„Заклучокот е дека енергетската криза со која се соочуваме не е само резултат на глобални трендови, туку и на нашиот сопствен недостаток на стратешко планирање и поставување на луѓе со мафијашки интереси на позиции. Абе не може цело време Украина да ни е крива за сѐ, кога ние во Буџетот не предвидуваме средства за Чебрен. Крива ни е, очигледно, нашата политичка гарнитура и консталација која со децении не може да одговори на потребите на граѓаните.“ – додаде пратеникот од Левица.

19.11.2024 - 09:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега