Германија и Литванија го разгледуваат сценариото за хибридна војна во случајот со падот на авионот
Германските лидери ја покренаа можноста дека вчерашната несреќа на товарниот авион на „ДХЛ“ во Литванија се должи на саботажа или хибридна војна.
Товарниот авион летал од Лајпциг, Германија за Литванија, а требало да слета на аеродромот во Вилнус кога паднал на неколку километри од пистата. Авионот се лизгал по земјата неколку стотици метри пред да удри во куќата, соопштија литванските власти.
На прашањето дали несреќата е резултат на хибридна војна, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави за јавната телевизија „ЗДФ“ дека размислуваат за тоа.
„Размислуваме за тоа, внимателно ја следиме ситуацијата, во моментов не можеме да потврдиме, но тоа би можело да биде така – има многу лоши форми на хибридна војна што ги гледаме во Германија“, рече канцеларот и додаде дека причината за несреќата треба внимателно да се истражи, но дека не би обвинил никого додека не може да го докаже тоа.
Неговите коментари уследија по сличните изјави на германската министерка за надворешни работи, Анален Баербок, која, според извештајот на Ројтерс, им изјавила на новинарите на самитот на Г7: „Фактот дека сега, заедно со нашите литвански и шпански партнери, сериозно треба да се запрашаме дали ова е несреќа или повеќе хибриден инцидент што покажува во какви нестабилни времиња живееме во моментов, дури и во центарот на Европа“.
Литванските власти, од друга страна, ја минимизираа можноста за саботажа, инсистирајќи на тоа дека се уште не се пронајдени докази кои би укажувале на саботажа.
„Нашите првични информации не покажуваат дека ќе треба да истражиме посериозни дејствија“, рече обвинителот Артурас Урбелис во изјавата што ја пренесе Ројтерс.
„Можеби ќе најдеме знаци на друга активност додека истражуваме“, додаде тој.
Американскиот Национален одбор за безбедност во транспортот испраќа свој персонал да помогне во истрагата, објави Ројтерс, заедно со претставници од Боинг и Федералната управа за авијација на САД.
На снимката од блиската безбедносна камера се гледа како авионот паѓа, а потоа исчезнува. По неколку моменти, на небото се појавува голем огнен облак.
Во несреќата загина еден член на екипажот. Тројца други на летот, вклучувајќи го и пилотот, преживеале, заедно со 12 лица во куќата кои биле евакуирани на безбедно, според локалните власти.
Шефот на литванската контраразузнавачка служба, Дариус Јаунискис, на прес-конференција за новинарите изјави дека тероризмот не е исклучен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа