Кина испрати предупредување до Трамп: Никој нема да победи во трговската војна

 


Кина го предупреди Вашингтон дека никој нема да победи во трговската војна, а Доналд Трамп се заканува дека ќе воведе дополнителни царини од 10 отсто за стоките што доаѓаат во САД.

Ова не се царините од 60 отсто што Трамп вети дека ќе ги воведе за кинеските производи за време на својата кампања, па некои компании, кои извезуваат телефони, чанти и мебел, а кои веќе претрпеа големи загуби од првата трговска војна, може да здивнат.

Други, најверојатно, стравуваат дека ова е само воведен удар на Трамп и оти набргу ќе следуваат дополнителни царини.

Кинеските државни медиуми ја опишаа заканата како неодговорна, а Министерството за надворешни работи во Пекинг рече дека Кина презела значителни чекори за да го запре нелегалниот увоз на дрога, вклучително и фентанил, во САД.

„Кина е една од земјите со најстроги и најтемелни политики во борбата против дрогата во светот“, вели портпаролот на Министерството.

Но, Пекинг го очекуваше ова. Имаше време да се подготви за вториот мандат на Трамп и Кина ги научи лекциите од неговиот прв мандат во Белата куќа, пишува Би-би-си.

Голем дел од нејзиниот земјоделски увоз сега доаѓа од Бразил, Аргентина и од Русија, а Кина почна да извезува повеќе производи во земји што не се сојузници на САД.

Последното нешто што му треба на Пекинг е уште една трговска војна бидејќи се бори со слабиот економски раст, кризата со недвижностите и високата невработеност кај младите.

Засега овие тарифи се само закана. Покрај построгите мерки против фентанилот, Трамп можеби се надева дека ќе го убеди претседателот Шји да престане со големото субвенционирање на кинеските производствени индустрии, што тој го гледа како нелојална конкуренција.

Но, оваа тактика не функционираше во минатото, а Пекинг веројатно подготвува свои силни контрамерки.

26.11.2024 - 14:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега