Нова реформа во правосудството: Комората на вештаци повторно функционира

 


Министерот за правда, Игор Филков, и претседателот на Комората на вештаци, Виктор Камнар на денешната прес конференција соопштија дека со запишувањето на Комората на вештаци во Централен регистар се означува почетокот на една нова реформа во правосудниот систем.

„Една од моите први задачи кога стапив на функцијата ,министер за правда, беше Комората на вештаци да ја направиме да биде функционална. И тоа го сторивме за релативно краток период. На 25.10.2024 година со Решение на Централниот регистар на РСМ е запишана Комората на вештаци на РСМ во ЦРСМ со што дури после цели 8 години можеме да кажеме дека таа профункционира!

Ова е значаен исчекор бидејќи Комората предолго беше во процес на мирување лишувајќи го правниот систем од експертиза. Со ова ќе се решат и проблемите со кои, за жал, години наназад, се соочуваа вештаците,како во поглед на заштитата на своите интереси, особено со издавањето на лиценците и нивната важност, така и во поглед на можностите за унапредување на нивната работа. Сето тоа беше ускратено или ограничено заради фактот на непостоење на Комората како еснафско здружение на вештаците“, рече Филков.

Филков потенцираше дека е убеден дека ова институција ќе стане синоним за стручност и ќе придонесе кон поефикасно и фер функционирање на нашиот правосуден систем.

,,Функционалната Комора на вештаци претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија . Комората ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештаците, во правец на јакнење на професионалните и етичките стандарди .Со ова, очекувам да се зголеми довербата во правосудниот систем како и перцепцијата за фер и објективни правни постапки,изјави Филков.

Претседателот на Комората на вештаци, Виктор Камнар смета дека со ова ќе се унапредат квалитативно сите судски вешти наоди со цел да го зголемиме квалитетот на сите управни и судски постапки.

,, Следниот месец на сајтот на Министерството за правда ќе биде објавен јавниот повик за сите оние кои за прв пат ќе сакаат да станат вештаци, да ги достават своите документи , и она што е во надлежност на комората, организирање на обуки на сите идни вештаци во времетраење на 60 часа за да се овозможи добивање на лиценца”,рече Камнар.

Министерството за правда продолжува со поддршката на Комората во напорите за постојан професионален развој и унапредување на постапките.

27.11.2024 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега