Фетаи-Сарацин: Евроинтеграцијата треба да се забрза
Стратешките приоритети на Владата во контекст на европската интеграција беа тема на разговор на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
На средбата, информираат од Кабинетот на вицепремиерот, беа разменети мислења за неопходноста од забрзување на процесот на пристапување на земјава кон Европската Унија.
Во текот на разговорот, Фетаи ја нагласи силната посветеност на Владата кон унапредување на клучните реформи, како што се зајакнување на правната држава, интензивирање на борбата против корупцијата и градење на стабилни и функционални демократски институции.
Посебен акцент беше ставен на зачувувањето и унапредувањето на меѓуетничката хармонија, како и на промоцијата на јазичната разновидност – вредности кои се основа на општествената кохезија и развој на земјата.
Специјалниот претставник Сарацин ја истакна важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од Преговарачката рамка и ги охрабри властите да го искористат поволниот момент за започнување на преговорите за членство. Тој нагласи дека во рамки на ЕУ постои широк консензус за потребата од проширување со земјите од Западен Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа