Среќен крај: Исчезнатата Хана после еден месец е пронајдена, татко и се самоуби при потрагата
Хана Кобајаши е пронајдена жива и здрава, соопшти нејзиното семејство. Хана исчезна пред еден месец откако леташе од Мауи за Лос Анџелес, што предизвика голема потрага по неа. Семејството беше убедено дека таа е киднапирана.
„Исклучително сме благодарни што Хана беше пронајдена жива и здрава“, изјавија нејзината сестра Сиднеј и мајката Бренди Ји.
„Изминатиот месец беше незамисливо тежок за нашето семејство и љубезно ве молиме за вашата приватност бидејќи одвојуваме време да се опоравиме и да го процесираме сето она што го преживеавме“, додаваат тие.
Изјавата беше објавена на платформата Икс од страна на адвокатката на семејството Сара Азари. Во соопштението не се наведува каде е пронајдена Кобајаши и како семејството утврдило дека таа е безбедна.
За потсетување, Хана Кобајаши се сметаше за исчезната три недели откако со авион од Мауи слета во Лос Анџелес, додека полицијата во Лос Анџелес пред една недела објави дека Хана „доброволно исчезнала“.
На прес-конференција директорот на полицијата Џим Мекдонел изјави дека кога Хана слета во Лос Анџелес, била сама, имала багаж и не изгледала повредена.
„Нејзиното семејство е веќе известено дека добивме снимка од видео надзор од американско-мексиканскиот граничен премин на која се гледа како Хана ја преминува границата пеш“, рече тој.
Кобајаши пристигнала на аеродромот во Лос Анџелес на 8 ноември, по што требало да се качи на лет за Њујорк, на кој не се појавила, што во полиција го пријавила нејзината сестра.
Семејството немало контакт со 30-годишната Кобајаши од 11 ноември, а четири дена подоцна полицијата објави потрага по исчезнато лице заедно со нејзините фотографии. Во меѓувреме се појавија фотографии и видеа од Кобајаши снимени меѓу 8 и 11 ноември, на кои таа е видена на различни локации во Лос Анџелес.
Таа, исто така, беше снимена како го зема својот багаж на аеродромот во Лос Анџелес, кој побара да и биде вратен од Њујорк. После тоа, Хана останала во Лос Анџелес додека на крајот не ја преминала границата и не влегла во Мексико нешто по пладне на 12 ноември.
Мекдонел рече дека не се пронајдени докази дека била жртва на трговија со луѓе или дека била вклучена во криминални активности и дека има право на својата приватност. Од друга страна, тој нагласи дека ја разбира загриженоста на нејзиното семејство кое со недели не знаело што се случува со Хана.
Пред да замине од Мауи, Хана изразила желба да побегне од модерната технологија, изјави полициски поручник за Фокс Њуз. Полицијата ја замолила Хана да стапи во контакт со нејзиното семејство, кое било информирано за се што се случило. На тој начин направија се што можеа, нагласи Мекдонел.
Мекдонел изрази сочувство и за смртта на Рајан Кобајаши, таткото на Хана, кој по тринаесет дена потрага по Хана изврши самоубиство. Семејството собра повеќе од 47.000 долари преку платформата GoFundMe. Парите на крајот ќе бидат искористени за погребот на нејзиниот татко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа