Преживеа три обиди за ликвидација - Штекли оди во затворот Шутка
Македонската полиција во саботата го уапси Раде Трајковски, познат како Штекли. Тој се сомничи дека предводел криминална група од над десет члена која се занимавала со продажба на дрога на скопските улици.
Штекли е уапсен во близина на хотел во околината на Гевгелија, при обид за бегство, а Основниот кривичен суд во Скопје соопшти дека уште девет лица добија мерка притвор од 30 дена.
- „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донесе одлука за притвор за десет лица. Исто така, одреден е притвор за уште две лица кои се недостапни за органите на прогон. Притворот ќе се спроведе веднаш по нивното пронаоѓањe“, соопштија од Основниот кривичен суд во Скопје.
При реализацијата, постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија на претходна постапка, извршени се претреси кај 16 лица, на вкупно 21 локации на подрачјето на Скопје и Гевгелија. При претресите пронајдени и одземени се поголем број разни предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење. Пронајдени се и одземени 325.000 денари и 3.995 евра, четири ПМВ, 12 мобилни телефони, еден пиштол марка Зораки 9 мм и 22 куршуми , семки од НН растение, НН растителна материја со зелена боја, пет дигитални ваги, неутврдена количина на бела прашкаста материја, пластична мешалка, метална лажичка за дозирање, фолија за пакување, две дробилки, еден видео рекордер, едно УСБ и др., од кои дел ќе бидат предмет на вештачење.
Локацијата на Трајковски долго време не беше позната иако тој често објавуваше фотографии на социјалните мрежи од различни локации.
Во ноември минатата година беше фрлена експлозивна направа во двор на куќа во населба Керамидница во Скопје, а од експлозијата со повреди се здоби Трајковски, кој беше пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош.
Претходната година, пак, кон него беше пукано во Трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ во Скопје.
Во 2011 година тој беше уапсен во Грција како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа