Во клиниките треба да работат само најдобрите - Подобар здравствен систем со измените на Законот за здравствена заштита

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска посочи дека Законот за здравствена заштита содржи неколку крупни измени кои треба на долг рок да го променат здравствениот систем во Република Македонија. 

Првата инајголема измена е за тоа кој може да биде вработен во Клиничкиот центар и кој може да остане да работи.

- Во клиниките треба да работат само најдобрите и да имаат можност да аплицираат за работа, а не тоа да биде привилегија на определена група. Треба да имаат просек 9 за вработување, да имаат познавање странски јазик, да полагаат писмен и усмен тест кои задолжително се снимаат и пренесуваат во живо додека трае полагањето. Кандидатот нема можност да знае кои прашања ќе ги има на полагањето. На овој начин очекувам комплетно да го тргнеме субјективизмот од тоа кој може да биде вработен на клиника, истакна денеска министерот Тодоров.

Појасни дека секој кој работи на клиника има обврска да ги усоврши и самостојно да ги користи сите методи кои се работат на неговиот оддел, тој период на мониторинг трае две години, а ментор специјалист кој има долгогодишно искуство му помага, потоа на секои седум години има обврска да воведе нова метода на клиниката и во некоја друга здравствена установа од мрежата и да осамостои минимум еден лекар кој ќе ја работи таа метода во друга ЈЗУ.  

- На секои десет години тој задолжително треба да објави труд во списание со импакт фактор или да биде носител или координатор во еден меѓународен проект. Работата на клиника не е привилегија туку е одговорност и обврска и секој кој работи на клиника, треба да се фокусира на тоа постојано да истражува, да го надградува знаењето и да не застане на специјализацијата или на субспецијализацијата која ја завршил, истакна Тодоров.

Втората измена на Законот која е исклучително значајна е формирањето на 10 т.н. тумор бордови за 10 специјалности во медицината во Клиничкиот центар и по еден тумор борд во клиничките болници.

- Тумор борд е тело составено од доктори од повеќе специјалности кое ќе има обврска да ги разгледува сите случаи на карцином од соодветната специјалност и преку мултидисциплинарен пристап да го одредува текот на лекувањето, терапијата итн. Ова е пракса која долги години функционира во развиените здравствени системи. Очекувам дека со воведување на тумор бордовите сериозно ќе се подобри лекувањето и третманот на болните од рак, рече Тодоров.

Следната измена во Законот, како што нагласи, е поврзана со полагањето на директорите со цел да се овозможи целосна десубјективизација на процесот додека последната измена се однесува на контрола на лабораториите односно се предвидува нивна задолжителна надворешна контрола два пати годишно и два пати годишно можност од вонредна контрола.

- Да не дозволиме да имаме неточни резултати или такви кои ќе наведуваат на погрешна терапија или дијагноза. Има определени забелешки во делот на терминологијата. Веројатно реакциите се околу тоа дали после две неточни проби треба да се одземе лиценцата или не. Околу тоа сме подготвени да дискутираме, ќе ги слушнеме ставовите на експертите, додаде министерот Тодоров. 

27.12.2013 - 15:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега