Министерство за одбрана: Го зголемуваме интересот кај младите за воената професија

 

Во средните училишта во Скопје, Велес, Охрид, Валандово, Тетово и Прилеп започна проектот за Популаризација на воената професија, каде претставници од Министерството за одбрана и Воената Академија, заедно со професионални војници, подофицери и офицери од Армијата ги информираа средношколците за можностите кои ги нуди воената професија.

На информативните предавања младите имаа можност да се запознаат со условите за прием на служба во Армијата, но и со можностите за личен и професионален напредок кои се дел од воената професија.

Целта на проектот е зголемување на интересот на младите за воената професија, а со тоа и зголемување на интересот на огласите за професионални војници и питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, што е од особена важност при селектирање на различни профили на кадри.

Министерството за одбрана наскоро ќе објави оглас за прием на 300 професионални војници на кој ќе можат да се пријават сите млади македонски граѓани. Со овој потег најавен од министерот Мисајловски ќе се зголеми борбената готовност на Армијата, додека истовремено таа ќе се подмлади со млади и мотивирани граѓани чија задача ќе биде безбедноста на татковината, велат оттаму.

Популаризацијата на воената професија низ средните училишта ќе се реализира во период од февруари до април 2025 година и ќе опфати 99 средни училишта низ државата. Денеска овој проект се спроведува во средното училиште „Илинден“ и гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес, СОСУ ,,Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, СУ „Гоце Делчев“ во Валандово, СУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“ и СОУ „Мирче Ацев“ во Прилеп.

03.02.2025 - 18:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега