Минчев: Подготвивме нови законски решенија

 


Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на настанот посветен на презентацијата на Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, нагласувајќи ја важноста на реформите во јавната администрација како еден од клучните приоритети во пристапниот процес кон Европската Унија.

„Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите“ - истакна министерот Минчев.

Тој додаде дека Извештајот на СИГМА претставува значајна алатка за оценка на досегашните резултати и идентификација на областите во кои е потребно унапредување. Министерството активно работи на имплементација на мерките од Стратегијата за реформа на јавната администрација, со посебен фокус на департизација, професионализација и воспоставување кохерентен систем на плати.

„Граѓаните мора да имаат доверба во институциите и да чувствуваат дека тие работат во нивен интерес. Затоа, реформите мора да бидат инклузивни, а процесот на креирање политики транспарентен.

Подготвивме нови законски решенија – Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавниот сектор и Закон за стручно усовршување – кои наскоро ќе бидат предложени на Владата и Собранието“ - посочи министерот.

Дополнително, Минчев го најави и новиот Закон за инспекциски надзор, кој ќе воведе структурни промени за подобра координација на инспекциските служби и намалување на административните трошоци.

Во контекст на европските интеграции, истакна дека критиките од Европската комисија за политичката поддршка и координацијата на реформите ќе бидат земени предвид за унапредување на процесот.

„Благодарни сме на СИГМА за нивната континуирана поддршка. Ова партнерство е клучно за градење капацитети и приближување кон европските стандарди“ - заклучи министерот, изразувајќи уверување дека со заеднички напори ќе се постигнат поставените цели за модерна и ефикасна јавна администрација.

 

04.02.2025 - 12:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега