АНКЕТА: Македонците ја сметаат Србија за најпријателски сосед - Грција за најнепријателски

Последното истражување за ставовите на граѓаните за односите на соседите со Македонија кое го спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС), покажува дека од петте соседи, граѓаните ја перципираат Србија (42,5 %) како најпријателски сосед, по која следи Албанија (18,5 %), додека најнепријателски сосед е Грција (81,2%), а секој петти граѓанин (22,8 %) мисли дека ниту еден сосед не е најпријателски за Македонија. 93,2 % од граѓаните сметаат дека односите со соседите се важни за Македонија.

Испитувањето на јавното мислење кое го спроведоа МЦМС и ИДСЦС е направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември до 1 декември годинава на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со +/- 3 % грешка.

Според анкетата, граѓаните на Македонија ги оценуваат сегашните односи со соседите со 0,11 на скала од -5 до 5.

 

- Ставовите за Србија и Албанија како најпријателски сосед се разликуваат меѓу етничките Македонци и Албанци, а за Грција како најнепријателски сосед нема разлики по етничка припадност и партиско симпатизерство, стои во денешното соопштението од МЦМС.

 

Прашани посебно за секој сосед, граѓаните на Македонија ги имаат следните перцепции за пријателското или неутрално однесување: Србија (87,1 %), Албанија (71,3 %), Косово (64,4 %), Бугарија (53,4 %) и Грција (7,95 %).

 

Од анкетата се констатира дека во последните пет години најмногу се подобрени односите, според перцепциите на граѓаните, со Србија (20,6 %) и Албанија (19,6 %), а секој петти граѓанин (21,7 %) смета дека не се подобрени односите со ниту еден сосед.

 

- Најдобри лични искуства, најмногу ја познаваат историјата и културата и најдобро мислење етничките Македонци имаат за Србија, а етничките Албанци за Албанија, се додава во соопштението.

 

Етничките Македонци имаат најдобри лични искуства со Србија (52%), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (51,9 %) и за неа имаат најдобро мислење (63,7 %).

 

Етничките Албанци имаат најдобри лични искуства со Албанија (44,3 %), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (64,8 %) и имаат најдобро мислење за неа (71,9 %).

 

Најмногу граѓани (39,3 %) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи со Србија посакуваат 19,6 %, со Албанија 12,8 % и со Бугарија 8,9 % а најмалку со Грција (6,7 %).

Извештајот е достапен на веб-страницата на МЦМС: http://0.mk/gvsob.

29.12.2013 - 11:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа