Тодоров: И од пациентите зависи каков здравствен систем ќе имаме

Здравството и наредната година ќе остане во силен фокус на Владата на Република Македонија. Буџетот на здравство континуирано расте, тој растеше и во услови на криза и тоа е нешто од што не отстапивме и покрај сите тешкотии и проблеми.

Ова во интервју за МИА го истакнува македонскиот министер за здравство, Никола Тодоров.

-Факт е дека оваа година имаме спроведено многу проекти, многу реформи, имаме започнато работи кои веројатно порано и не можеле да се замислат, на пример од типот на неонатална кардиохирургија, гасификацијата на Клиничкиот центар, „рурален доктор“, „дисперзирана клиника“, „Мој термин“, но остануваат уште многу работи кои треба да се подобрат и на кои мораме да бидеме фокусирани во наредниот период, вели Тодоров за МИА.

Министерот најавува дека Владата нема да се откаже од релизирањето проекти во здравствениот систем.

-Има многу работа во здравството, област која не можеш да кажеш дека комплетно си ја средил. Не постои таков здравствен систем, земете го швајцарскиот, францускиот, германскиот, канадскиот, сингапурскиот или хонгконгшкиот здравствен систем, тоа се најдобро организираните здравствени системи во светот, но сепак имаат проблеми, имаат предизвици кои мора да ги решаваат на дневна, неделна или на годишна основа. Во здравството има многу работа и ќе има уште многу работа. На нас е да не застанеме со проектите, да најавуваме, да имплементираме и да се грижиме добро да се спроведуваат, вели Тодоров.

На прашањето на МИА, каков здравствен систем ќе имаат пациентите во 2014 година,Тодоров вели:

-Пациентите во 2014 година ќе имаат здравствен систем каков што сите ние ќе изградиме. Здравствениот систем не зависи само од здравствените власти ниту само од докторите, ниту зависи само од пациентите, зависи од сите овие чинители. Дали ќе имаме добар здравствен систем зависи од тоа дали докторот ќе го почитува закажаниот термин и дали пациентот ќе дојде на закажаниот термин, дали докторот кој што ќе биде испратен на едукација ќе ги усвои тие методи и ќе почне да ги применува во Македонија, дали тие методи што ќе ги применува во Македонија ќе ги пренесе и на други негови колеги, дали ќе се воведат нови методи во регионалните центри во Македонија и на тој начин да се зајакнат истите и на некој начин да се ограничи притисокот на Скопје од сите регионални центри. Еден од врвните приоритети на Министерството за здравство остануваат обуките и во тој дел ќе бидеме и натаму силно фокусирани. Идната година покрај обуката на лекарите од секундарно и терцијарно ниво ќе бидеме малку повеќе фокусирани на едукација на лекарите на примарно ниво, на матичните лекари. Оваа година сработивме еден огромен проект за носење на упатства за околу 800 болести во Македонија кои ги преземавме според медицина базирана на докази. Битно е дека здравството и наредната година ќе остане во силен фокус на Владата на Република Македонија. Буџетот на здравство континуирано расте, тој растеше и во услови на криза и тоа е нешто од што не отстапивме и покрај сите тешкотии и проблеми.

 

29.12.2013 - 14:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа