Клековски: Зависни сме од еден ПЕТ-скен апарат, ако дојде време за сервисирање, нема алтернатива

 


Според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во државава недостасува стратегија за развој на здравствената мрежа.

„На пример, зависни сме од еден ПЕТ-скен апарат и од еден добавувач на суровини. Ако дојде време за сервисирање, нема алтернатива“, рече Клековски, додавајќи дека требало да се создаде план Б за идни дефекти и сервиси.


 

Како уште еден пример за пропусти во здравството, тој го посочи случајот со компјутерската томографија во Струмица.

Клековски во синоќешната емисија „Клик плус“ на „ТВ21“, рече и дека не може да се функционира со еден онколошки центар за целата држава.

„Не е одржливо, два милиони луѓе да зависат од еден онколошки центар. Бугарија, на пример, има 35 болници каде што се аплицира таргет-терапија. Мораме да го децентрализираме системот и тоа треба да биде дел од стратегијата“, дециден беше Клековски.

Клековски посочи дека македонскиот здравствен систем е застарен и мора да се адаптира на актуелните потреби.

„Клиничкиот центар троши половина од целото јавно здравство. За лекови против рак, пациентите од Дебар, Пробиштип или Струмица мора да патуваат до Скопје. Тоа мора да се промени“, заклучи директорот на ФЗО.

Клековски, меѓу другото, рече и дека се разговара повторно да се врати во функција Центарот за трансплантација, што се затвори од времето на пандемијата со Ковид-19.

21.02.2025 - 10:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега