Цената на лебот да се намали на 20 денари, бара Асоцијацијата на земјоделци и фармери
Цената на лебот да се намали на 20 денари, да се зголемат субвенциите за производството на пченица и за 50 проценти да се намалат заштитните средства зашто се меѓу најскапите во регионот, бараат од Асоцијацијата на земјоделци и фармери. При ниска цена на пченицата од 9 до 11 денари, висока е цената на лебот од 30 до 35 денари за една векна со различна тежина.
-Според откупната цена на пченицата која беше од 9 до 11 денари за килограм, реално е цената на лебот да биде 20 денари. Тоа значи дека ние, како Асоцијација, имаме направено прецизна калкулација во која не треба лебот да биде повеќе од 20 денари. Предлагаме, сите млинари и пекарници да ја прифатат оваа наша калкулација и уште веднаш и цената на лебот да биде 20 денари, изјави Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери.
Потребите на земјава од пченица се околу 360 000 тони, а производството, според асоцијацијата е околу 230 000 до 240 000 тони. Другото се увезува од соседните земји.
Според Александар Ристески, производител на леб од Прилеп, сегашната цена на лебот е реална и прифатлива, од 30 до 35 денари.
-Сметам дека сегашната цена е реална. Пред 10-15 години, цената на лебот беше 25 денари. Сега, продажната цена на лебот е 30 денари. Кога ќе направиме споредба на ресурсите, на репроматеријалите, на струјата, на работната рака, а пред 10-15 години, па и сега, па макар и на брашно, мислам оваа цена е прифатлива за потрошувачите, рече Ристески.
Зголемувањето на домашното производство на пченица го посакуваат од Асоцијацијата на земјоделци и фармери, но бараат повеќе субвенции, иако се дава земјиште под концескија и да се намалат за 50 проценти заштитните средства кои се меѓу најскапите во регионот.
Можеби еден ден ќе дојдеме во ситуација на зголемени површини и производство на пченица, но за оваа реколта не посеавме доволно поради недостиг од механизација за обработка на површините. Според состојбите, за оваа година треба да очекуваме принос од околу 240 000 тони пченица. Државата треба да го поддржува посилно производството на пченица. Таа треба да ја покрива загубата од производната до продажната цена. Инспекторатот за земјоделство треба повеќе да се позанимава со земјоделските аптеки, зашто цените на заштитните средства се многу големи што ги зголемува трошоците за производство. На пример заштитно средство „логранд“ за пченицата во нашите аптеки чини 400 до 500 денари, а во соседните земји е 100 денари, вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и фармери Стојкоски.
Според производителите на леб, зголеменото производство на пченица може да влијае на намалувањето на цената на лебот, но ако домашната пченица во млиновите за брашно не се меша со увезена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа