Груевски: „Шеикот од Дубаи“ пак ја мати водата, гради комплекси во Швајцарија и Туркменистан

 

Екс премиерот Никола Груевски продолжува со обвинувањата кон поранешниот премиер Зоран Заев. Овој пат, Груевски во својата објава на Фејсбук говори за градежната експанзија на Заев. 
„Шеикот од Дубаи“ пак ја мати водата. Во време на меѓународна градежна експанзија на Зоран Заев со проневерени па легализирани пари од рекет и други злоупотреби, која уште додека беше премиер се одвиваше во три града во Швајцарија, потоа огромен комплекс апартмани се изгради во Туркмекистан, а сега актуелната градежна инвестиција во Дубаи од над 600 милиони евра, за која тој единствено кажа дека бројката на спратови не била 82 (не кажа дали се 83 или 78, колку квадрати се итн), и ништо друго не демантираше, а во недостаток на нешто со што би можел да ме нападне, деградира и да ја дефокусира јавноста, Заев со неговите инсталации во Македонија, охрабрен од неказнивоста, се обидува повторно да направи медиумска реминисценција на судскиот случај кој лично го креираше и го раководеше со цел создавање на негативна слика за мене со лажна информации и уценети сведоци.
Иако повеќе пати напишав во минатото, сепак помина подолго време, па бидејќи медиумите во кои Заев има влијание го рециклираат под формата на продажба на наводно мој имот, чувствувам потреба уште еднаш јавно да повторам и демантирам, бидејќи јавната кампања против мене на темата запленет наводен мој имот, станови и земјишта, кој ќе се продавал се повторува.
Никаков мој имот никогаш не е запленет.
Во режирана и конструирана судска постапка диригирана од режимот на Заев и од него лично, запленија неколку имоти на двајца скопски бизнисмени кои со огромни притисоци и уцени кон нив, едниот како обвинет, а другиот како сведок, но со закана дека ќе го направат обвинет, ги прогласија за мои.

Првиот за навидните плацови до последното рочиште ја говореше вистината кажувајќи дека немам никаква врска со тоа, а на последното рочиште очигледно за да се спаси од затвор кој не го заслужува комплетно ја смени изјавата, погази сѐ што претходно зборувал повеќе од една година и така си ја купи слободата.

Вториот, оној сведокот, колку и да сакаше да помогне на партиското обвинителство на Заев со цел да превенира сериозен напад кон него и уништување на неговиот бизнис, сепак чесно одговори дека никогаш со мене не разговарал за такви станови иако сме имале неколку службени средби, дека никогаш од никој не примил пари за тие станови, туку ги купил со свои средства, дека трето лице му рекло да ги купи и тој се сомневал дека се за мене и чекал потоа јас да ги купам од него и да му платам, но тоа не се случило, и дека наместо тоа ми ги издавал под кирија, за што беше приложен договорот.

Значи за да има каков таков баланс кон обвинителство и да не го нападнат и него кажа дека трето лице му кажало да ги купи становите и така претпоставувал дека се за мене.

Претходната сопственичка на станот исто така кажа дека никогаш не ме сретнала и не разговарала за никаква продажба на стан.

Имаше и трет бизнисмен кој за да го направат соработник веднаш го ставија во притвор неколку месеци и кој три пати ја менуваше изјавата како што му го продолжуваа притворот и му го гасеа бизнисот, и како што течеше судската постапка, од “Груевски нема никаква врска со ова”, на крајот ја наведе приказната дека јас сум му дал некакви инструкции кои со ништо не ги докажа, затоа што се невистина.
СЈО направи и вештачење на сите текови на пари на фирмата која купувала земјиште, користејќи меѓународна правна помош на обвинителство на друга земја.

Од вештачењето не само што се виде дека јас не сум сопственик на фирмата и нема никаков допир со мене, туку се виде дека ниту некој мој близок, ниту било кој од Макеоднија имал плаќања или било каква работа со таа странска фирма, а се виде и дека не биле ставани или вадени никакви пари во кеш, како што бомбастични најави ОЈО кога го лансираат случајот, а пред да им пристигне вештачењето.

Тој предмет беше вистинско фијаско на обвинителството и покрај изнудите и тешките уцени на бизнисмените, и беше класична политичка хајка на Зоран Заев кој раководеше со правосудниот систем.
Јас за тој судски прогон дека ќе се случи бев разбрал неколку месеци претходно од човек на кој самиот Заев му беше рекол, дека не бил задоволен што немало ниту еден предмет против мене за пари, и дека веќе има идеја како да ми накалемат такво нешто. Заев се чувствуваше премногу моќен и опуштен и си зборуваше вакви работи.
Во меѓувреме милионската трговија со челик од Русија преку фирма во Дубаи тече, а неговото семејство беа добиле покана со купени авио билети и авионски карти за присуство на камен темелникот на градежната инвестиција во Дубаи вредна над 600 милиони евра“, напиша Груевски.

24.02.2025 - 14:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега