Средба Сиљановска-Јандроковиќ: Заканата со вето од соседите не е фер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими претседателот на Саборот на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ, кој е во официјална посета на земјава.
Обајцата, како што соопшти претседателскиот Кабинет, се потсетиле на заедничките почетоци на евроинтеграцијата пред дваесет години, но со целосно различен исход.
За претседателката, хрватското евроинтеграциско искуство е релевантна лекција за нас и Хрватска, како наш докажан пријател може многу да ни помогне со научените лекции во процесот на евроинтеграцијата.
Сиљановска-Давкова ја истакнала нашата готовност да се фатиме во костец со Копенхагенските предизвици, доколку не бидеме заглавени во бесмислените билатерални спорови, што се реална закана не само за нас и регионот, туку и за проширувањето на ЕУ.
Претседателот на Саборот на Хрватска изразил став дека заканата со вето од соседите не е фер и дека Хрватска ќе остане наш верен пријател со големо разбирање и поддршка за нас.
Претседателката и претседателот на Хрватскиот Сабор ја потенцирале грижата за македонското малцинство во Хрватска и хрватското во Македонија, коишто прераснале во цврсти мостови на заемна доверба и соработка.
На средбата станало збор за драматичните промени во светскиот поредок, како и за ранливата безбедносна состојба во европски и светски рамки со заложба за трајно руско-украинско мировно решение.
Средбата, како што е наведено во соопштението, завршила со согласност да продолжат, да се прошират и продлабочат македонско-хрватските односи во сферата на политиката, економијата, културата, туризмот и спортот.
Претседателката испратила топли поздрави до претседателот на Хрватска кого го очекува во државна посета во мај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа