Тошковски во посета на Израел: Го зајакнуваме партнерството во доменот на безбедноста
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски деновиве предводи делегација ма министерството за внатрешни работи во Израел, на покана на компанијата Elbit Systems, која е долгогодишен партнер во унапредувањето на техничките и безбедносни капацитети на МВР, особено на проектот „Безбеден град“.
„Оваа посета претставува значајна можност за размена на искуства и запознавање со најновите технолошки решенија што ги развива Elbit за справување со модерните безбедносни предизвици. Посебен фокус беше ставен на иновациите во заштитата на границите, урбаната безбедност и борбата против тероризмот, како и можностите за интеграција на напредни технологии во безбедносниот систем на нашата земја.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски го посети и Полицискиот контролен центар во Тел Авив, каде што се запозна со функционирањето на нивниот интегриран систем кој користи напредни алатки и автоматизирани процеси за брза реакција при безбедносни инциденти, што е одличен пример за ефикасно управување со јавната безбедност и превенција на криминалот.
Во рамки на посетата министерот оствари средба и со првиот човек на израелската полиција, Рафаел Енгел, генерален директор во израелското Министерство за национална безбедност. На средбата се разговараше за зајакнување на соработката во областа на безбедноста и размената на добри практики во борбата против тероризмот и организираниот криминал. Министерот Тошковски изрази искрено сочувство за жртвите од терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, како и поддршка во сите напори за враќање на заложниците кои сè уште не се вратени во своите домови.
„На средбата беше истакнато дека Македонија и Израел се две пријателски земји со заедничка посветеност на безбедноста и стабилноста, кои преку размена на знаење, искуства и технолошки решенија можат уште повеќе да ги унапредат своите безбедносни капацитети. Справувањето со терористичките закани и јакнењето на меѓународната соработка беа меѓу клучните теми на разговор, со акцент на потребата за превентивни стратегии и современи технолошки решенија кои обезбедуваат брза и ефикасна реакција во заштитата на граѓаните. Оваа посета претставува уште еден чекор кон зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Израел во доменот на безбедноста, како и доказ за нашата заложба за модернизација на безбедносните структури преку соработка со светски лидери во оваа област.“, потенцираше министерот Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа