СДСМ најави кривична пријава против пратеничката Салиу-Фетаи
Пратеничката група на СДСМ на прес-конференција најавија дека е поднесат кривична пријава против пратеничката Имрлијe Салиу-Фетаи од „Влен“ за како што кажаа, грубо кршење на Деловникот околку денешното претседавање со собраниската Комисија за социјална политика, млади и демографија.
-Ние најавуваме дека ќе преземеме конкретни правни мерки, односно ќе поднесеме кривична пријва против претседавачот со Комисијата, Имрлије Фетаи-Салиу заради грубо кршење на Деловникот и грубо кршење на правата на пратениците. А, воедно ќе поднесеме и иницијатива до Уставниот суд со којашто ќе бараме да се утврди прекршувањето на правото на пратениците на коишто им беше оневозможено согласно Деловникот да постават и да предложат измена и дополнување на дневниот ред, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Тој нагласи дека од страна на претседавачот на Комисијата, Фетаи грубо беше прекршен Деловникот на Собранието, поточно членот 131, со што таа директно го прекршила Деловникот на Собранието, со тоа што, како што рече, не дозволи воопшто да се отвори расправа за предлог дневниот ред, ниту можност за изменување и дополнување на дневниот ред со образоложение дека претседателот на Собранието, Африм Гаши го утврдил дневниот ред и немало потреба да се утврдува дневен ред од страна на членовите на Комисијата.
-Членот 131 од Деловникот говори дека „дневниот ред на седницата на работното тело се утврдува на почетокот на седницата“. Ставот два вели „во дневниот ред може да се внесат и прашања што ги предложиле пратениците, претседателот на Собранието, и Владата“. Ова покажува дека парламентарното мнозинство предводено од ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ сакаат целосно да го стават под контрола Законодавниот дом. Притоа правата на пратениците да ги загрозат, да не се остави можноста на опозицијата воопшто да даде било каков предлог и секое едно одржување на седницата да биде само по прашање коешто сака да ги постави парламентарното мнозинство, рече тој.
Според Спасовски, ова е невиден атак на демократијата и рушење на демократичноста и демократијата во Законодавниот дом, таму каде што, како што рече, демократијата треба да биде најразвиена, затоа што Собранието по правило е храм на демократијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа