СДСМ денеска избира претседател – Филипче единствен кандидат
Во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска се одржувааат редовни внатрепартиски избори за претседател на партијата. Единствен кандидат за оваа функција е актуелниот партиски лидер Венко Филипче.
Гласањето ќе се спроведе на 78 избирачки места во општинските организации на СДСМ ширум државата. Избирачките места ќе бидат отворени од 08:00 до 20:00 часот, а за спроведувањето на изборниот процес е задолжена Централната изборна комисија.
Од партијата информираат дека Комисијата веќе го потврдила и затворила Избирачкиот список, на кој се запишани 23.712 активно регистрирани членови. Обезбедени се сите потребни услови за непречено спроведување на изборниот процес, вклучително и избирачки материјал, паравани, кутии и ознаки.
Секој регистриран член ќе може да го оствари правото на непосредно и тајно гласање во својата општинска организација. За да може да гласа, секој член треба да поседува електронска членска картичка од СДСМ и важечки документ за идентификација (лична карта или пасош). За болните и немоќните лица, гласањето беше овозможено еден ден порано – во сабота, на 5 април 2025 година
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа