Митрополит г. Петар: Велигден е најсветлиот празник на христијанската вера

 

Христос Воскресе и сета смртност од земјата ја однесе, сè гнило се најде во бегство, сите гревови, сите демони. Навистина Воскресе и сè се исполни со радост; и небесата и земјата, истакна во своето Велигденско послание митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

Велигден е најсветлиот празник на христијанската вера, и таинството кое ја преобразува историјата на човештвото, посочи митрополитот г. Петар.

-Христо воскресе, навистина воскресе, ете во четири зборови искажана е целата тајна и за овој и за оној свет, и за секој човек, за секое битие. Во четири зборови содржана е смислата на нашиот живот. Во четири зборови искажана е суштината на човековото постоење. Велигден, најсветлиот празник на христијанската вера, е таинството кое ја преобразува историјата на човештвото. Велигден не е само сеќавање на некое историско случување од минатото, туку е живо присуство на Божјата сила која секогаш е со нас, која нè води, која нè облагородува и која нè ослободува. Велигден е и ден на радост, ден на љубовта која го опкружува секој човек. Таа љубов не познава граници, не познава време, не познава националности, не познава никакви разлики, нагласи митрополитот г. Петар.

Во Велигденското послание, митрополитот г. Петар потсети на неодамнешната трагедија што се случи во Кочани.

-Разликата помеѓу смртта пред Христовото воскресение, и пo неговото воскресение, е како разлика помеѓу огромен и страшен пожар, и пламен на една свеќа. Во овој серадосен ден, кога ни е даден живот вечен, не можеме а да не чувствуваме и тага и болка заради тоа што ни се случи, заради тагата што ја надви Македонија, заради болката од ужасната трагедија во пожарот што го снајде нашето Кочани. Ранетата и неутешна мајка ги посетува гробовите на своите деца за да ги воскресне во својата душа, да ги измие со своите солзи, да ги помилува во своите мисли. Љубовта на мајката ги спасува мртвите деца од исчезнување и заборав во овој свет. Не прилега да се нарекуваат мртви, туку преминати, оние за кои Христос пострада и умре. Тие се живи во живиот Господ, нагласи митрополитот г. Петар.

Според востановената традиција, митрополитот преспанско пелагониски и администратор австралиско новозеландски за Велигден ќе богослужи во централниот црковен храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола. 

18.04.2025 - 11:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега