ДУИ: Јазичната еднаквост е наше право, нема да не третирате како граѓани од втор ред

 

ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Ова денеска го велат од партијата ДУИ преку соопштение за јавноста.

- Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации. Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик. Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата. Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд. Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот, велат ДУИ.

Според нив, во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.

- Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот. ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право, велат од ДУИ.

22.04.2025 - 09:26

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега