Муцунски: Дејствијата на Таравари го потпомагаат ДУИ

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека е разочаран од тоа што дејствијата на Арбен Таравари, лидер на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство во Владата од коалицијата Влен „на терен го потпомагаат функционирањето на ДУИ“ и смета дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да соработува со секој што соработува со, како што истакнува, вакво нереформирано ДУИ. 

Муцунски очекува дека ќе се најде задничко разбирање на претстојната средба на премиерот Христијан Мицкоски со Таравари, а најавена по последните превирања во Влен по објавата за самостоен настап на крилото на АА на Таравари со советнички листи на локалните избори. Во однос на можноста за двојни избори во октомври, и предвремени парламентарни заедно со локалните, посочува дека не е исклучена ниту една опција, но порачува дека одлуките не треба да се носат врз основа на емоции, туку според рационалните потреби на граѓаните и економијата. 

Во гостување на ТВ Сител Муцунски вечерва оцени дека некој презема дејствија кои им помагаат на дестабилизачките фактори во македонското општество и оти тоа е погрешен начин на работење.

-  Парламентарнотго мнозинство е сосема стабилно и тука нема дилеми, верувам дека и лидерот на опозицијата колку и да сака да ја политизира темата и кај него нема никакви дилеми. Исто така и анкетите на јавното мислење го означуваат тоа што го означуваат, а на крајот на денот да не налегувам и јас во деталите. Пред неколку дена кажа и премиерот ќе имаме избори наскоро и граѓаните ќе го кажат тоа што го мислат за партии кои се дел и од власта и од опозицијата. Факт е дека во Влен има една специфича состојба и искрено ќе кажам навистиона сум разочаран од некои од појавите што ги има таму посебно земјаќи го предвид фактот дека сите заедно меѓу другото работевме и преземавме чекори за политичката партија којашто ја имаше киднапирано државата со криминални дејствија и со масовни дејствија да ја пратиме во опозиција.  Тоа беше позитивен чин за целото општество, знам дека ДУИ сега сака да го претстави како борба Македонци против Албанци, но тоа апсолутно не е така, проблемот кој општеството го имаше беше со ДУИ, не со Албанците. Имаме владино мнозинство и Влада што испорачува резултати во различни области, која се бори против корупцијата и против сите феномени каде предвесник беше СДСМ и ДУИ и сега повторно некој да презема дејствија кои им помагаат на таквите дестабилизачки фактори во македонското општетсво е погрешен начин на работење, спротивно е на европските вредности за кои сите зборуваме и не е нешто што треба да се охрабри, рече вечерва Муцунски во гостување на ТВ Сител. 

Прашан дали мисли за Таравари,  одговори потврдно и наведе дека е разочаран од тоа што неговите дејствија на терен го потпомагаат функционирањето на ДУИ. 

- Да, јас навистина сум разочаран, за Арбан Таравари, како колега, како човек имам позитивно мислење и тој е некој со кој треба да соработуваме и да градиме иднина напред, но истовремено сум разочаран кога гледам како неговите дејствија единствено што прават на терен е го потпомагаат функционирањето на ДУИ. Сметам дека и тој неговата кампања за претседател на државата ја градеше на тема со промени и ние сме за промени, на терен работиме за промени и се надевам дека коалицијата Влен ќе успее да најде заеднички јазик. Но секако со вакво ДУИ и со секој што соработува со вакво нереформирано ДУИ не сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да соработува,  оцени Муцунски. 

Прашан колкава е веројатноста Таравари да остане дел од Владата по средба и дали би останал ако не биде се уште дел од коалицијата Вреди, Муцунски рече дека очекува оти „ќе се најде гласот на разумот помеѓу сите нас и сите ќе работиме на понатамошно декриминализирање на политичкиот систем, нешто што за жал не може да се направи во соработка со актуелното раководство на ДУИ“.

- Јас искрено се согласувам со господинот Таравари во еден дел, на една негова  изјава од пред неколку дена, а таа изјава е поврзана со тоа дека многу од нас зборуваат со емоции. И еве да не зборувам со емоциии, да зборувам со рационалност, јас имам очекувања дека ќе се најде заедничко разбирање, дека ќе се најде гласот на разумот помеѓу сите нас и сите ќе работиме на понатамошно декриминализирање на политичкиот систем, нешто што за жал не може да се направи во соработка со актуелното раководство на ДУИ и сите ќе работиме за попросперитетна иднина на државата, рече Муцунски. 

Прашан колкава е веројатноста во октомври да има двојни избори истакна дека не е време да се зборува за веројатности и оти ниту една опција не е исклучена.

- Треба да ја донесеме најмудрата одлука и за граѓаните и за економијата, ВМРО-ДПМНЕ во секој момент е политичка партија со силна структура, со мотивирано членство и за еден месец да се случат параламентарни избори немам никаков сомнеж во резултатот, пред се, заради нашата мотивираност, структурираност и членство и заради тоа што мислам дека секој граѓанин препознава колкав е напорот на Владата за решавање на проблемите, за креирање на продуктивни политки, за привлекување нови инвестиции, секојдневно гледаат позитивни резултати, иако ќе се согласам дека не секогаш  е идеално и секоја Влада може да биде подобра и затоа велам ниту една опција не треба да ја исклучиме во овој момент, но ќе повторам - одлуките не треба да ги носиме врз основа на емоции туку врз основа на рационалните потреби на нашите граѓани, на нашата екоомија, на сите оние кои треба да не гласаат, рече Муцунски. 

25.04.2025 - 21:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега