Петрушевска за членовите на Судски совет: Со изгласана недоверба удобно седат во фотелјите
Во целост ја разбирам разочараноста кај граѓаните во делот на судските органи и Јавното обвинителство и тие со право ја сведуваат нивната доверба на ниво на статистичка грешка, оценува пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска во „Наткаст“ кај Љупчо Цветановски.
-Два проценти е небаре статистичка грешка и таа доверба скоро и да не постои. Ние секогаш како луѓе кои доаѓаат од законодавната власт, политичарите, мораме да внимаваме во однос на изјавите кои ги упатуваме во однос на судската власт, како истите не би биле разбрани како било какво политичко влијание. Нешто што во изминативе седум години не баш го видовме и еве дел од тие ровови можеби се останати во институциите, сè уште се соочуваме со истите и, за жал, разочарувањата се секој ден поголеми. Јас не познавам друг пример, особено не европски, каде на вас ќе ви се случи Собранието кое е домот на демократијата, каде претставници со легитимитет од народот, претходно ве бираат за членови на Судски совет. Откако вие не ја испорачувате довербата која ви е укажана, ви изгласуваат негативен извештај за вашето работење, не уживате поддршка кај граѓанинот… Имајќи ги предвид сите тие аргументи, истиот овој дом ви изгласува недоверба и вие одлучувате удобно да продолжите да седите во вашите фотелји. Ова е една хипокризија, еден преседан, не само во судството туку е и преседан во една парламентарна демократија, рече таа.
Пратеничката даде пример како ваквото однесување би изгледало во политиката – политичка партија да отиде на избори, да го изгуби легитимитетот, но да одлучи да си остане во институциите и покрај тоа што не ужива доверба од граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа