Завршија разговорите меѓу САД, Украина и Турција во Истанбул, траеја подолго од еден час

 


Во Истанбул заврши средбата меѓу САД, Украина и Турција.

Разговорите траеја малку подолго од еден час.

Во украинската делегација беа шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак, министерот за одбрана Рустем Умеров и министерот за надворешни работи Андриј Сибега, објавија украинските медиуми.

Американската делегација на трилатералниот состанок е претставена од државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Кит Келог и амбасадорот на САД во Турција, Том Барак.

Турција ја претставуваат шефот на Националната разузнавачка организација, Ибрахим Калин, и шефот на Министерството за надворешни работи, Хакан Фидан.

Украинска делегација се сретна претходно денес со претставници на САД, Велика Британија, Германија и Франција во Истанбул, објави Би-Би-Си.

Според извештајот, утрово во Истанбул, украинскиот советник за национална безбедност Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров се сретнаа со советници за национална безбедност од Велика Британија, САД, Германија и Франција.

Стејт департментот објави дека Мајкл Антон, директор на Одделот за политика за планирање на Стејт департментот, ќе ги претставува Соединетите Американски Држави на разговори на работно ниво со руската делегација денес во Истанбул.

За потсетување, денес во Истанбул ќе се одржат трилатерални средби наместо мировни преговори што требаше да започнат меѓу делегациите на Русија и Украина во турскиот мегалополис.

„Трилатерални преговори меѓу САД, Украина и Турција“ од една страна и меѓу „Руската Федерација, Украина и Турција“ од друга страна се на дневен ред, рече изворот.

Затоа, како што сега се чини, директни преговори меѓу Русија и Украина нема да се одржат.

Турција денес ќе учествува на два трилатерални состаноци во Истанбул, како дел од новите дипломатски напори за ставање крај на војната во Украина, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи, пренесуваат агенциите.

Средба меѓу турските, американските и украинските претставници е закажана за 9:45 часот наутро по европско време. Потоа американската страна ќе биде заменета со руската страна, а турската, руската и украинската делегација ќе одржат разговори во 11:30 часот по европско време, велат изворите, пренесува Ројтерс.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се сретна со советникот на претседателот Владимир Путин, Владимир Медински, во четврток вечерта, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, имаа долги разговори.

16.05.2025 - 11:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега