Ралев: Од медиумите дознав дека не сум кандидат на СДСМ за Скопје, со месеци подготвував концепт за кандидатура
Професорот и архитект Мишко Ралев во интервју за Фактор открива дека со месеци подготвувал концепт за кандидатура за градоначалник на Скопје поддржан од СДСМ, но без официјално известување дознал од медиумите дека партијата избрала друг кандидат
Вели дека не е партиски член и дека во процесот влегол исклучиво како стручњак со визија за градот.
„И со Венко се знаевме од порано од одредени кругови. Ние повремено но, континуирано комунициравме и во април 2025 година, кога Венко го доби полниот мандат како претседател. Конкретно разговаравме за моја кандидатура за градоначалник поддржана од СДСМ. Да потсетам дека јас не сум бил ниту сум член на политичка партија. Побарав време да размислам, и после одредени консултации ја прифатив неговата покана, воден од идејата дека на Скопје му е потребен архитект и некој кој нема политичко „досие“.
Почнавме да работиме на концепти околу дизајнот на кампањата и како да се приближи мојата личност како непартиски кандидат до гласчкото тело. Беа вклучени и одредени личности кои требаше да ја водат кампањата од надвор но, и од партијата. Потоа, состаноците и комуникацијата завршија некаде на почетокот на јули, можеби втори или трети јули. Оттогаш никој од партијата не ме комуницираше, за да после некое време почнат да се шират одредени гласови дека сум се откажал од кандидатурата. Дури и ВМРО даде изјава дека сум надвор од „трка“. Јас за една национална телевизија изјавив дека како сериозен човек не сум се откажал од кандидатурата за кандидат за градоначалник.
Сепак, на 11 јули од медиумите дознав дека јас не сум избран за кандидат за градоначалник на Скопје од страна на СДСМ“, вели Ралев. По прекинот на комуникацијата со СДСМ, Ралев прифатил понуда од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓеоргиевски, да раководи со стручната советодавна комисија за урбанизам и архитектура, доколку истиот победи. Нагласува дека тоа не претставува политички ангажман, туку професионален придонес во развојот на градот.
Ралев смета дека Скопје мора да има стручни лица вклучени во носењето на одлуки за урбанизмот и архитектурата и дека неговата улога ќе остане на професионално ниво, без политичка припадност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа