Пратениците расправаат за новите закони за администрација

 

Пратениците во Собранието на Македонија денеска расправаат за предлог на законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, во прво читање.

Опозицијата е против овие закони. Смета дека вработените во администрацијата со одредбите од Предлог-законот за административни службеници нема да имаат правна сигурност и ќе ја изгубат работата. Бара да биде соопштена бројката на вработените во администрацијата и смета дека законот се носи нетранспаретно.

Спротивно на ова, владејачкото мнозинство тврди дека се зацрвстува правната сигурност и вработениот не го губи работното место туку дека  станува збор за усовршување и зајакнување на администрацијата.  

Весна Бендевска од СДСМ и забележа на заменик министерката за информатичко општество и адиминистрација Марта Арсовска Томовска што иако законите се во прво читање не ги образложува. Тоа, според неа, значи дека на некој начин признава дека законите се лоши за вработените во администрацијата. Системот за казни и за награди нема да придонесе, според Бендевска, за попрофесионална администрација туку тие постојано ќе бидат под притисок. Со оценка незадоволително од раководителот, административецот по автоматизам го губи работното место.Обвини дека законите не се носат во транспаретна постапка и дека сидникатот УПОЗ не бил консултиран, а тоа било посочено во писмо што претседателот на синдикатот го доставил до пратениците. -Измисливте закон како ќе ја десеткувате администрацијата, рече Бендевска.

Заменик-министерката Марта Томовска изрази подготвеност да одговори на сите прашања на пратениците, но забележа дека нивните говори имаат политички цели и заплашување на администрацијата, како и дека не изнесуваат конкретни забелешки за предложениот текст.

- Можам да заклучам дека вие практично немате забелешки на законските решенија туку на процедурата, на фактот дека определени синдикати не биле вклучени во изработката на законот, за што имам документи и докази и можам да ви покажам дека апсолутно не е вистина, изјави Томовска.

УПОЗ бил дел од разговорите за законите за администрацијата и синдикатот на првата работна верзија имал 60 забелешки, а повеќе од половината се прифатени и вградени во текстот.

- Во последниот месец имало пет средби со УПОЗ, а за нив пратени се забелешки. Напротив беше одржана и јавна расправа на која беше поканета и вашата пратеничка група. За првпат во овој закон се споменува дека правата од работен однос се регулираат со закон и со колективен договор. Остануваме отворени. Доколку има потреба ќе има измени и за време на оваа собраниска процедура, рече заменик-министерката.

Павле Саздов, од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците од СДСМ не даваат ниту еден аргумент зошто се против овие закони, и оти е лага дека со овие закони административците ќе ја изгубат работата. - Со ова законско решение се дава правен основ да се преброи администрацијата, вели Саздов.

Пратениците дебатираат за тоа зошто административците ќе мораат да се стекнат со сертификати за странски јазик, за оценувањето на нивната работа, за регистарот на вработени, за тоа дека државниот секретар повторно ќе биде од редовите на администрацијата...  

Пратеничката Цветанка Иванова, која побара јавна расправа  бидејќи  законот е комплексен и се однесува на 150.000 граѓани. Смета дека администрацијата повторно ќе биде партизирана и оти ова се случува на крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.  

Реплицирајќи и пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ побара од колегите од опозицијата уште утре да изгласаат предвремени избори и да  се види кој е легитимитетот.  

- Но, знаете што сигурно оваа година нема да се случи, особено не овие два три месеци, од СДСМ нема да чуеме „п“ од предвремени избори затоа што ви е страв да не се случат предвремените и претседателските избори заедно во месец март и април. Вие до Брисел моравте да одите да молите да нема избори во Македонија, а овде велите дека е крајот на владеењето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и дека нема легитимитет и поддршка, изјави Ѓорчев.     

Целта на Предлог законот за административните службеници, е да се воспостави целосен и сихнронизиран систем на администрација базиран на знаење односно воведување на целосно нов модерен пристап кон управувањето со човечките ресурси, со елементи на корпоративно управување, согласно со најдобрите светски практики за управување базирано на компетенции преку уредување на статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособувањето, мерењето на учинокот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници.  

Овој закон ќе ги замени постоечките Закон за државни службеници и Закон јавни службеници и ќе ги земе предвид неодамнешните одлуки на Уставниот суд за вклучување и укинување на јавни институции и јавни службеници во постоечката легислатива и легислативата во развој. Административните службеници се лицата кои засновале работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следните институции: органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје.

Целта, пак, за носење на Предлог законот за врабитените во јавниот сектор е системски да се регулираат во еден закон, прашањата кои се однесуваат на вработените на јавниот сектор, почнувајќи од начелата, правата и должностите, класификацијата, евиденцијата и многу други прашања, кои се заеднички за сите вработени во јавниот сектор.

Седницата беше прекината на барање на ДПА, а треба да продолжи во 15 часот. 

08.01.2014 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега