Реформи за објективна и воедначена работа на судиите во Македонија

Во текот на минатата седница Владата ги усвои измените на Кривичниот законик од областа на судските реформи. Со усвоените реформи се дава правен основ за донесување Правилник за одмерување на казните и сите судии во Македонија ќе мора да ги почитуваат упатствата во Правилникот. За ова денеска информираше владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев.

По стапувањето во сила на овие измени на Кривичниот законик, откако ќе поминат во Собранието во рок од 30 дена, претседателот на Врховниот суд на Македонија ќе има обврска да го донесе Правилникот врз основа на кој ќе мора да се изрекуваат сите кривични санкции во Македонија.

- На тој начин ќе се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и ќе се спречи субјективизмот во изрекување на кривични санкции од страна на некои судии или судови. Сериозно ќе се стесни просторот за манипулации или за определени некоректни однесувања на некоја странка што учествува во судската постапка, потенцира Ѓорѓиев.

Тој нагласи дека се отстрануваат можностите, причините или условите за доведување на граѓаните и компаниите во нееднаква положба пред законот при изрекување на кривичните санкции.

- Во досегашните анализи и истражувања направени од Владата, Министерството за правда, судовите и Јавното обвинителство е забележано дека во Македонија во рамки на изрекувањето кривични санкции се забележуваат определени аномалии и недоследности кои ги ставаат граѓаните во нееднаква положба пред законот, пред судовите, истакна Ѓорѓиев.

12.01.2014 - 13:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега