Се продлабочува соработката со странските инвеститори - се подобрува бизнис климата во Македонија
Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот денеска поштишаа Меморандум за соработка чија цел е подобрување на бизнис климата во Македонија.
На настанот, новиот претседател на Советот на странски инвеститори Хуан Педро Хименез Наваро, извршен директор на Арчелор Митал, изјави дека овој меморандум е важен чекор кој ќе ја подобри комуникацијата со владините институции и ќе ја подобри координацијата при изведување на заеднички активности насочени кон заедничка соработка во развивањето на деловниот сектор.
Од своја страна и генералниот менаџер на Џонсон Мети и потпретседател на на Советот на странски инвеститори, Џатин Такрар во одговор на новинарско прашање нагласи дека странските инвеститори во Македонија бараат да се скратат одредени административни постапки и да се намали бирократскиот товар што го чувствуваат.
- Има потреба од реформа во некои области, многу процедури треба да се подобрат, но сепак ние сме среќни што сме тука. Затоа работиме во Работните групи чија цел е да се подобри деловната клима во Македонија и да се посочат местата каде имаме предизвици за да се надминат, посочи Такрар.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот Висар Фида најави дека до 20 јануари ќе се објави уште една странска инвестиција во Македонија.
- Ние бевме малку познати во светот како бизнис дестинација, но со кампањата стануваме се повидливи во бизнис светот, рече Фида околу кампањата Инвестирајте во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа